РОДИТЕЛИТЕ БАРААТ ОДГОВОР ОД СУДСКА МЕДИЦИНА – Зошто семејствата сè уште немаат токсиколошки резултати
По една година без информации, родителите на жртвите од „Пулс“ имаат прашања за обдукцијата и токсикологијата.

Дел од родителите на жртвите од трагедијата во дискотеката „Пулс“ утрово, на Велики Четврток, се упатија кон Судска медицина, барајќи одговори за обдукциските наоди. Ова следува по пет дена без институционален одговор на нивните претходни барања.
Родителите долго време обвинуваат дека институциите повеќе од една година не им обезбедуваат јасни информации за причините за смртта на нивните деца. Александар Наунов, татко на загинатата Надица, истакна дека и покрај бројните барања и официјални дописи, семејствата сè уште немаат клучни информации.
„Побаравме јасен и недвосмислен одговор дали биле извршени токсиколошки анализи, дали било испитувано присуство на цијаниди и што точно покажуваат резултатите. Поминаа два месеци од нашето барање, а одговор нема“, вели Наунов.
Тој обвинува дека институциите меѓусебно ја префрлаат одговорноста, додека семејствата остануваат без суштински информации.
„ПМФ нè упатува кон ОЈО Кочани. ОЈО молчи. Судска медицина молчи“, додава Наунов.
Исто така, тој поставува прашања за самата постапка: дали биле земени биолошки примероци, што точно е анализирано и дали воопшто постојат токсиколошки резултати.
„Зошто се правеше обдукција ако не е завршена целосно? Кого штитите државата или институциите?“, прашува Наунов.
На саботниот марш, родителите порачаа дека ако за три дена не добијат јасен, писмен и сеопфатен одговор, ќе се обратат директно кај Судска медицина.
