РИТУАЛОТ НА 98-ГОДИШНАТА БАБА МИРЈАНА Една ракија, едно кафе – и живееш сто години
Таа е жив доказ дека долговечноста не се мери само со бројот на години, туку со квалитетот на духот, едноставноста на животот и љубовта кон секој нов ден.

Во скромна куќичка на рид, во едно мало село опкружено со зеленила и тишина, живее една неверојатна жена – Мирјана Петровиќ, 98-годишна старица чие лице зрачи со топлина, а духот ѝ е младешки и ведар како пролетно утро.
И покрај годините, баба Мирјана е целосно независна. Веќе повеќе од 12 години не била на лекар – не од инает, туку затоа што, како што вели, „немало потреба“. Здравјето ѝ служи, телото ѝ е активно, а умот бистар. Секоја година ја пречекува со ист ентузијазам, енергија и едноставен утрински ритуал, кој според неа е нејзината лична формула за долговечност.
Секој ден за неа започнува точно во 7 часот. Прво подложува оган во шпоретот на дрва, потоа става ѓезве со кафе, и додека врие, ги храни своите верни кокошки. Потоа доаѓа мигот на уживање: на креветот со поглед кон дворот, со шолја кафе во една рака и малку ракија во другата. “Малку ракија, малку кафе и денот може да започне”, вели низ насмевка.
Никој што ќе ја посети нема да остане рамнодушен на нејзината беспрекорно уредена градина. Доматите ѝ растат до небо, а боранијата мириса на вистинско село. Сама има поставено над 150 колци. Во дворот вирее и малина, а плодови има доволно не само за неа, туку и за да почести секој што ќе ѝ сврати.
“Во младоста носев по 50 кубика дрва на грб. И денес самата ги носам дрвата за зима”, раскажува, не како пофалба, туку како сведоштво за времињата што ги преживеала.
Животот не бил секогаш зелен како нејзината градина. Поминала низ војни, глад и сиромаштија.
„Мајка ми со пет деца бегаше по шумите. Спиевме боси и гладни. Варевме што ќе најдеме – јагоди, гранки, тревки. Гладот не’ тераше по потоци и долови“, се сеќава Мирјана, а очите ѝ се замаглуваат од спомени.
Иако телото ѝ е силно, срцето често ја мачи самотијата.
„Најтешко е кога немаш со кого да проговориш. Само да дојде некој, да седне, да помуабетиме… не барам ништо друго“, признава таа со тивок глас.
Две млади лица редовно ја посетуваат и нејзините животни приказни ги споделуваат со светот преку TikTok. За неа, тие се зрак светлина и доказ дека младоста сè уште цени мудрост.
„Не ми треба многу – само да имам што да јадам и што да пијам. А на младите им посакувам едно нешто – здравје“, вели баба Мирјана, како да ја сумира филозофијата на целиот живот.
Таа е жив доказ дека долговечноста не се мери само со бројот на години, туку со квалитетот на духот, едноставноста на животот и љубовта кон секој нов ден.


