РЕШЕНИЕ ЗА ТРАНСПОРТОТ – Повеќекратен влез и излез од Шенген

Состанoци секој четврток и технички разговори со експерти за надминување на проблемот.

РЕШЕНИЕ ЗА ТРАНСПОРТОТ – Повеќекратен влез и излез од Шенген
Фото: Принтскрин

Решението за транспортните компании ќе биде насочено кон издавање долгорочни работни дозволи, кои ќе обезбедат регулиран престој за македонските превозници во Шенген-зоната, без разлика дали станува збор за товарен или патнички транспорт. Ова денеска од Кочани го соопшти вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, одговарајќи на новинарски прашања.

„Швајцарија веќе издава такви дозволи за македонските превозници, а Хрватска најави законска постапка за усвојување соодветен закон во својот Сабор. Во координација со Министерството за надворешни работи, Министерството за внатрешни работи и со премиерот, работиме да и други држави прогласат слични дозволи за нашите превозници, што ќе значи целосно решавање на проблемот“, истакна Николоски.

Тој додаде дека секој четврток се одржуваат технички состаноци за надминување на ова прашање.

„По наш притисок, но и на целиот регион, Европската комисија предвреме ја објави визната стратегија. На секој четврток се одржуваат состаноци на техничко ниво, каде учествуваат експерти од Македонија, со цел да се најде решение. Соседните држави тоа го користат за медиумски промоции, но ние решивме да бидеме конструктивни и да работиме во канцеларија, со документи и аргументи. Апелирам да се фокусираме на нашето решение, а што ќе прават Албанија, Косово, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина е нивен избор. Драго ми е што нашите превозници го разбраа ова и заеднички работиме на решенија за нив“, рече Николоски.

Тој потсети дека системот стапува во сила во април, но за македонските превозници примената ќе биде одложена до крајот на септември, а до тогаш треба да биде обезбедено решението.

И премиерот Христијан Мицкоски изјави дека проблемот најверојатно ќе се реши преку издавање годишни визи кои ќе овозможат повеќекратен влез и излез од Шенген-зоната. Тој додаде дека веќе се водат билатерални разговори со неколку земји од Европската Унија кои се дел од Шенген-просторот.

CATEGORIES
Share This