РЕМБРАНТ ПОВТОРНО НА СЦЕНАТА – Музејот потврди автентичност на старо дело
Истражувачите користеле најсовремена технологија за да ја потврдат автентичноста на сликата од 1633 година.

Историчарите на уметност од „Рајкс-музејот“ во Амстердам, Холандија, открија досега непозната слика на холандскиот мајстор Рембрант, објави германскиот „Ди Цајт“ и повеќе други медиуми.
Музејот денеска соопшти дека, благодарение на најсовремената технологија за скенирање и детална стилска анализа, истражувачите успеале да ја потврдат автентичноста на сликата од 1633 година. Испитувањата траеле две години, при што било утврдено дека боите, техниката на сликање и структурата на слоевите на бојата се споредливи со другите рани дела на Рембрант. Делото, наречено „Визија на Захарија во храмот“, неодамна било подарено на музејот од приватна колекција за проучување и се очекува да биде изложено за јавноста од 4 март оваа година.
„Проучувањето на материјалите, стилските и тематските сличности, промените направени од Рембрант и целокупниот квалитет на сликата го поткрепуваат заклучокот дека ова е автентично дело на Рембрант ван Рајн“, соопшти музејот.
Сликата прикажува библиска сцена во која архангелот Гавриел го посетува свештеникот Захарија за да му соопшти дека ќе добие син. идниот Јован Крстител. Архангелот не е директно прикажан поради темнината на сликата, но светлината од горниот десен агол го симболизира неговото пристигнување и ги нагласува контурите на свештеникот и златната облека. Изразот на изненадување на Захарија ја отсликува неговата недоверба.
До 1960 година, сликата не се припишувала на Рембрант, туку се верувало дека е дело на друг сликар од неговото опкружување. Во 1961 година, платното било купено од приватно лице, а потоа потонало во заборав. Сегашниот сопственик го открил потписот на Рембрант, контактирал со музејот и им овозможил на стручњаците да ја испитаат сликата.
„Подробното проучување на делото, вклучувајќи макро-рентгенски флуоресцентни скенирања и споредби со други дела на уметникот, го потврди дека Рембрант е авторот“, изјави Џонатан Бикер, кустос и експерт за холандско сликарство од 17. век.
Рембрант Хармензон ван Рајн (1606-1669) е еден од најпознатите холандски уметници, сметан за дел од барокот и златното доба на холандското сликарство. Неговата техника и стил продолжуваат да имаат влијание врз уметноста и денес.


