РЕГИОНОТ НУДИ ПЛАТИ ДО 2.200 ЕВРА – Македонија губи работници
И годинава се очекува значителен број млади да заминат на сезонска работа во странство

Хрватска, Црна Гора и Словенија веќе објавија огласи за сезонска работа со плати до 2.200 евра месечно, што дополнително го засилува одливот на млади работници од Македонија. Земјите од регионот ги зголемуваат квотите за странци, додека домашните работодавци предупредуваат дека растот на платите мора да биде внимателен за да не се загрози опстанокот на компаниите.
„Сите држави во регионот имаат повисоки квоти за увоз на работници од нас. Увозот на работна сила е неопходен за да се одржи производството, но преголемото зголемување на платите може да создаде сериозни финансиски проблеми“- изјави за весникот ВЕЧЕР Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија.
Тој очекува и годинава значителен број млади да заминат на сезонска работа во регионот, но без поголем раст во однос на лани.
Од Сојузот на синдикати на Македонија нагласуваат дека продуктивноста и конкурентноста не зависат само од работниците, туку и од вложувањето во технологија и модернизација.
„Без подобри услови за работа, почитување на работничките права и технолошки развој, младите лесно ќе изберат работа во странство, каде што, покрај повисоки плати, им се нудат и подобри услови“ – вели Љупчо Радовски од ССМ.
Земјите од регионот бараат работници и за летната и за зимската сезона, поради што дел од младите заминуваат на работа во текот на целата година.


