РЕГИОНАЛЕН СИСТЕМ ЗА ПЛАЌАЊЕ Парите ќе се префрлаат за неколку секунди на сметка преку СЕПА

Гувернерите на земјите од регионот ќе разговараат за придобивките од членството во СЕПА и интеграцијата на регионот во европскиот пазар.

РЕГИОНАЛЕН СИСТЕМ ЗА ПЛАЌАЊЕ Парите ќе се префрлаат за неколку секунди на сметка преку СЕПА
Фото: Принтскрин

СЕПА како двигател на европската интеграција ќе биде главна тема на 16-тата конференција за плаќања и пазарна инфраструктура, што утре и задутре ќе се одржи во Охрид.

Настанот го организираат Народната банка на Северна Македонија и Централната банка на Холандија, со учество на претставници од централни и деловни банки, финтек-компании и европски институции.

Конференцијата ќе ја отворат гувернерот Трајко Славески и Инге ван Дијк од Централната банка на Холандија, а ќе се обрати и Џорџо Андреоли од Европскиот совет за плаќања.

Гувернерите на земјите од регионот ќе разговараат за придобивките од членството во СЕПА и интеграцијата на регионот во европскиот пазар. Ќе се анализираат и првите трансакции преку СЕПА во Македонија, ефектите врз надоместоците, конкуренцијата и дигиталната подготвеност.

Во рамки на конференцијата ќе се дискутира и за развојот на инстант-плаќањата и создавањето регионален систем заснован на стандардите на Европската централна банка, кој ќе овозможи сигурни и брзи плаќања во секое време.

CATEGORIES
TAGS
Share This