РЕГИОН И ЕВРОПА СО СЕРИОЗЕН НЕДОСТИГ ОД МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ Стареење на кадарот, масовна миграција и слаби услови ја загрозуваат иднината на здравствените системи

Покрај Македонија, недостигот на медицински сестри стана горливо прашање и за многу земји од регионот и пошироко во Европа. Бугарија, на пример, се соочува со дефицит од речиси 17.000 медицински сестри, а бројот на кадарот во последните 30 години е преполовен – од 53.000 во 1990, до 28.600 во 2023 година. Просечната возраст на сестрите во оваа земја е 49 години, а дури 20% се пред пензија.
За да се поттикне интересот, бугарското Министерство за образование предлага медицинската нега да стане заштитена специјалност, ослободена од школарина. Истовремено, Министерството за здравство нуди финансиски стимулации од 2.600 лева месечно за специјализанти.
Во Хрватска недостигаат најмалку 4.000 медицински сестри само во болничкиот систем, а околу 200 секоја година заминуваат во странство. Во Словенија, дефицитот е 20–25% во болниците и примарната заштита. Недостасуваат и фармацевти и персонал во домовите за стари лица.
Ситуацијата не е подобра ниту во Западна Европа. Во Шпанија, речиси 50.000 сестри се пред пензија, а вкупниот недостиг е околу 123.000. Во Италија, 77% од матичните лекари се постари од 55 години, што според Заводот за статистика е аларм за иднината на здравствениот систем.
Од друга страна, Германија бележи корист од овој одлив – една петтина од негувателите во болници, домови и служби за домашна нега се странски државјани.
Заклучокот на експертите е јасен: Европа се соочува со здравствена криза која бара итна и стратешка интервенција — преку инвестиции, подобрување на условите и задржување на кадарот.


