РЕФОРМИ ВО АДМИНИСТРАЦИЈАТА – Крај на доживотни позиции и недопирливи функции
Се воведува единствена рамка за именувања и мерит принципот како правило

Целта на предлог-законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите е создавање транспарентен, отчетен, професионален и ефикасен јавен сектор, ориентиран кон резултати и во служба на граѓаните, истакна генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.
На јавната дебата, Јанушев нагласи дека законот обезбедува еднакви можности за пристап до функциите, именување според заслуги и непристрасно работење на органите на државната управа, со цел јакнење на владеењето на правото и ефикасноста на институциите.
„Функциите на високите раководители мора да бидат достапни за сите кандидати под еднакви услови. Именувањето ќе се врши транспарентно, фер и конкурентно, со што се гарантира избор на најуспешниот кандидат, истакна Јанушев.
Законот воведува јасни и унифицирани правила за избор на директори, државни секретари, членови на колегијални органи и управни одбори, намалувајќи го влијанието при именувања и воведувајќи мерит принцип како правило.
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, појасни дека нема повеќе доживотни функции и недопирливи позиции. Управните одбори се сведуваат на три члена, а статусот на вршител на должност (в.д.) станува исклучок, строго временски и правно ограничен.
„Првпат се воспоставува единствена, јасна и системска рамка за именувањето, мандатот, одговорноста и разрешувањето на највисоките раководни позиции во администрацијата. Позицијата веќе не е титула, туку одговорност“ – нагласи Минчев.
Предлог-законот, на ЕНЕР од 31 декември, предвидува транспарентна постапка за именување, јасно уредување на мандатите и ограничување на изборот, со акцент на испорачување резултати од раководителите.
„Реформите во јавната администрација подразбираат суштински промени, со вклучување на сите засегнати страни. Дијалогот, а не наметнувањето, е клуч за квалитетни решенија, истакна министерот.

