РЕФОРМА ВО ОБВИНИТЕЛСТВОТО – Законски предлог помина во прво читање

РЕФОРМА ВО ОБВИНИТЕЛСТВОТО – Законски предлог помина во прво читање
Фото: Национал

Со 75 гласа „за“ и без ниту еден „против“, Собранието на денешната седница ја утврди потребата од донесување на Предлог-законот за јавното обвинителство, со што законското решение ја помина првата фаза од собраниската процедура.

Пред пратениците, министерот за правда Игор Филков образложи дека новиот закон претставува сеопфатна реформа на организацијата, надлежностите и функционирањето на јавнообвинителскиот систем. Како што нагласи, целта е поефикасна борба против криминалот и корупцијата, но и зајакнување на владеењето на правото.

„Со овој закон создаваме услови за поефикасно, потранспарентно и поодговорно функционирање на јавното обвинителство. Целта е да изградиме систем во кој ќе доминираат професионалноста, мерит-системот и отчетноста, а довербата на граѓаните во правосудството ќе се зголеми“, истакна Филков.

Според него, реформата е резултат на долг и инклузивен процес кој започнал во ноември 2024 година со формирање работна група во која учествувале експерти, универзитетски професори, обвинители, судии, адвокати, претставници на невладиниот сектор и претставници на меѓународната заедница, меѓу кои ОБСЕ и Европската Унија.

Во подготовката на законскиот текст, како што посочи, се вградени препораките од Развојната секторска стратегија за правосудство, Реформската агенда, препораките на ГРЕКО, Патоказот за владеење на правото и извештаите на Европската комисија.

Филков информираше дека Предлог-законот, заедно со Предлог-законот за Советот на јавните обвинители, бил доставен на мислење до Венецијанската комисија, која дала позитивна оценка со неколку препораки што веќе се вградени во финалниот текст.

Со новото законско решение се воведува јасен мерит-систем за избор, унапредување и оценување на обвинителите, се зајакнуваат гаранциите за нивната самостојност, а се подобрува и организацијата на работата на обвинителствата.

„Предвидуваме поефикасен систем за оценување на обвинителите, јасни критериуми за професионалност и квалитет на одлуките, подобра организација на предметите и зајакнување на истражните центри за поефикасно спроведување на истрагите“, рече министерот.

Дополнително, се предвидува и поголема транспарентност при изборот на јавниот обвинител на Република Македонија. Постапката ќе вклучува јавна седница на Советот на јавни обвинители, презентација на програмите на кандидатите и јавно објавување на нивните биографии.

Предвидена е и поефикасна дисциплинска постапка со јасно утврдени рокови и механизми за спречување злоупотреби.

„Се воведува градација на дисциплинските повреди и соодветни мерки во зависност од нивната сериозност. Дисциплинската комисија ќе мора да ја заврши постапката во рок од шест месеци, односно до девет месеци во посложени случаи, а ќе се води и евиденција за сите изречени дисциплински мерки“, појасни Филков.

Како значајна новина тој ја истакна и заштитата од потенцијални злоупотреби на дисциплинските постапки. Доколку јавен обвинител побара разрешување додека трае дисциплинска постапка, постапката ќе продолжи до конечна одлука за утврдување на одговорност, со цел да се спречи избегнување на одговорност и повторно аплицирање на нов оглас.

Според министерот, крајната цел на законското решение е изградба на модерен, ефикасен и транспарентен обвинителски систем кој ќе работи во интерес на граѓаните и ќе придонесе за поефикасна борба против криминалот и корупцијата.

CATEGORIES
Share This