РЕФОРМА НА ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ – Се укинуваат правните факултети на приватните универзитети
Само на јавните универзитети ќе се изучува медицина, студии за медицински сестри и акушерки, правни и наставнички студии, одбрана и безбедност,

Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави дека со новиот Предлог-закон за високо образование правните студии ќе се организираат исклучиво на јавните универзитети, со цел унапредување на квалитетот и заштита на јавниот интерес.
По јавната дебата за законот, Јаневска изјави дека имала конструктивна средба со приватните универзитети, на која е постигнат речиси целосен договор за укинување на правните студии на приватните факултети.
„Со кој аргумент некој ќе ми објасни дека на земја од 1,8 милиони жители ѝ се потребни 16 правни факултети? Преголемиот број институции директно го намалува квалитетот“, изјави министерката.
Според најавите, како студии што ќе останат само на јавните универзитети се предвидуваат: медицина, студии за медицински сестри и акушерки, правни и наставнички студии, одбрана и безбедност, додека фармација, стоматологија и архитектура ќе може да се изучуваат и на приватни универзитети.
Јаневска не ја исклучи можноста да се врати и одредбата за забрана за вработување роднини по крв во прва линија на ист факултет, доколку таа не е противуставна. Таа додаде дека целта не е некој да влезе на универзитет и цел живот да остане асистент без да ги исполни строгите критериуми за напредување, и дека е охрабрувачки што веќе има факултети кои самостојно донеле одлуки да не вработуваат роднини.


