РЕДОВНИ ЛИНИИ СО САУДИСКА АРАБИЈА – Чекор кон поголема економска соработка
Новите авиолинии ќе ја зајакнат економската, политичка и институционална соработка

Министерството за транспорт започна постапка за склучување спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арабија. Со ова ќе се воспостави правна рамка за отворање редовни авиолинии меѓу двете држави, кои досега немале воздушен сообраќај.
Очекувањата се дека новите линии ќе ја зголемат економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи. Спогодбата ќе овозможи либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, ќе поттикнува конкуренција, ќе резултира со пониски цени за патниците и ќе воведе нови, поквалитетни услуги. Во исто време, се гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност согласно меѓународните стандарди.
„Македонија и Саудиска Арабија негуваат пријателски односи и имаат заедничка заложба за унапредување на економската и трговската соработка, зголемување на инвестициите и продлабочување на соработката во повеќе области од заемен интерес“, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Министерството за транспорт истакнува дека склучувањето вакви спогодби е важен инструмент за подобрување на меѓудржавната поврзаност и зајакнување на економската, политичка и институционална соработка. Во следниот период ќе се преземат сите неопходни активности за официјално регулирање на воздушниот сообраќај според националните прописи и меѓународните стандарди во цивилното воздухопловство.


