РЕАЛ МАДРИД ПРОДОЛЖУВА СО ТРЕНИНЗИ Вниманието насочено кон Винисиус Јуниор

Фудбалерите на Реал Мадрид во понеделник ќе се вратат во тренинг-кампот на клубот, а во центарот на вниманието и натаму останува ситуацијата околу Винисиус Јуниор. Според шпанските медиуми специјализирани за случувањата во клубот, клучниот проблем е несовпаѓањето меѓу зборовите и постапките на бразилскиот фудбалер. На неодамнешната турнеја во САД, Винисиус јавно порача дека сака да остане во Мадрид долгорочно, но неговото неодамнешно однесување во клубот укажува на спротивното.
Поради ова, претседателот на Реал, Флорентино Перез, лично ќе присуствува во тренинг-центарот за да одржи состанок со Винисиус. Според пишувањата на медиумот „Дефенса Централ“, Перез планира отворен и директен разговор со играчот, посебно по неодамнешните информации кои протекоа во јавноста дека Бразилецот сака плата повисока од онаа на Килијан Мбапе.
„Перез, кој инаку има одлични лични односи со Винисиус, сака во директен разговор да разбере какви навистина се намерите на фудбалерот и како тој ја замислува својата иднина во клубот“, пишува „Дефенса Централ“.
Истиот извор додава дека претседателот на Реал верува оти Винисиус направил грешка во изборот на моментот за неговите барања. Бразилецот моментално е далеку од формата што претходно го донесе меѓу кандидатите за „Златната топка“. Поради тоа, Перез ќе го советува прво да го врати нивото на својата игра на највисок стандард, а потоа повторно да разговараат за евентуално продолжување на договорот, кој е актуелен до јуни 2027 година.


