РЕАЛ МАДРИД ИСПАДНА ОД КУПОТ – Арбелоа со кошмарно деби. Карвахал бесен
Дефанзивецот призна дека клубот е далеку од своето ниво и побара радикални промени

Дефанзивецот на Реал Мадрид, Дани Карвахал, остро ја коментираше играта на својот тим по шокантниот пораз од 3:2 против второлигашот Албасете во осминафиналето од Купот на кралот.
„Паднавме на најниската точка. Да испаднеме од екипа од Сегунда е срам и им честитам на противниците. Од денеска мора да бидеме искрени со себе и да направиме темелна индивидуална и тимска анализа. Сезоната сè уште не е изгубена – пред нас се два големи турнири и мора да се бориме за нив. Не сме во добра форма, и затоа треба да работиме многу повеќе. Секој од нас мора да даде многу повеќе, тоа е вистината.
Искрено им се извинуваме на навивачите. Нашите настапи не го достигнуваат стандардот што го бара клубот. Ветуваме дека во следните месеци ќе дадеме максимум за да ја смениме ситуацијата“, изјави Карвахал за „Um Madridista“.
Натпреварот беше и прво деби на клупата на Реал за новиот тренер Алваро Арбелоа, кој го наследи Чаби Алонсо на стартот од неделата.
Новиот стратег на Реал Мадрид, Алваро Арбелоа, веднаш по преземањето на кормилото се најде под силен оган од критики. Дебито за поранешниот дефанзивец се претвори во вистински кошмар – второлигашот Албасете го елиминираше „кралскиот клуб“ од Купот на Шпанија, само два дена по неговото назначување. Скепсата кај навивачите сега прераснува во отворено недоверие.
Арбелоа по мечот не бараше алиби поради оставените Мбапе, Белингам, Куртоа и Родриго надвор од составот. Тој решително ја презеде вината врз себе и ги бранеше шансите што им ги даде младите Цестеро и Хименез.
„Ако некој е виновен за овој резултат, тоа сум јас. Јас ги донесов одлуките за составот, за идејата како сакаме да играме и за измените. Не бегам од неуспех. Знам дека многумина ќе го наречат ова дебакл, но неуспехот е етапа на патот до успехот“, изјави тренерот.
Иако „кралевите“ доминираа со речиси 80% посед, делуваа немоќно против тим што се бори за опстанок во втората лига. Дури ни влегувањето на Алаба, Камавинга и Карвахал во второто полувреме не донесе пресврт, а Жефте Бетанкор во судиското продолжение ја запечати сензацијата.
Шпанските медиуми резултатот го нарекоа „апсолутен хорор“. Моментот веднаш ја отвори дебатата за неискуството на Арбелоа во сениорскиот фудбал, а трпението на навивачите е веќе истенчено по заминувањето на Чаби Алонсо и за миг се стопи.
Иако Арбелоа уверува дека од ова ќе излезат „посилни“, реалноста го притиска. Реал мора експресно да се реорганизира пред саботниот меч во Ла Лига против Леванте. Секој следен кикс може да го скрати и онака тенкиот кредит на доверба кој новиот тренер го има на „жешкото столче“.


