РЕАКЦИЈА ОД ДРЖАВНАТА ЛОТАРИЈА – Ги штитиме државните пари и институционалниот интегритет
Државната лотарија ги демантира непроверените тврдења и дезинформации

Акционерското друштво за приредување игри на среќа во државна сопственост – Државна лотарија на РСМ, најостро реагира на обидите на одредени медиуми да создаваат искривена и непроверена перцепција за работењето на Друштвото. Работата на Државната лотарија се темели на законитост, институционална одговорност и професионализам, со акцент на следниве принципи:
I. Правна стратегија и институционална одговорност
Друштвото соработува со врвни правни експерти, меѓу кои проф. д-р Димитар Гелев, за целосна правна поддршка и управување со сложените постапки за престанување на трговските друштва во сопственост на Државната лотарија, како што се МОЗЗАРТ ДОО, 77 БИТС ДОО, ВЕЗУВ ДОО и НОВО ВЛТ ДОО.
Овие активности се спроведуваат целосно законито и со институционална дисциплина, со цел заштита на јавниот интерес и државниот капитал. Преземените мерки спречуваат дополнителна финансиска штета и обезбедуваат долгорочен институционален интегритет.
II. Ангажирани лица со договор за дело
Под новото раководство бројот на ангажирани лица е намален од околу 190 на 95, при што повеќето работат на примарната продажна мрежа, додека останатите обезбедуваат административна и контролна поддршка. Во секторот маркетинг, ангажманот на јавни личности е насочен кон подобрување на позицијата на Друштвото на пазарот.
III. Неправилности на поранешното раководство
Актуелното раководство иницираше ревизија на работењето на Друштвото во претходниот период, која утврди сериозни неправилности и злоупотреби во финансиското работење од страна на поранешното раководство. Овие дејствија предизвикаа материјална штета од најмалку 3,5 милиони евра. Во тек се предистражни постапки од страна на надлежните институции, а јавноста ќе биде навремено информирана за резултатите.
Државната лотарија нема да дозволи ширење на непроверени информации и клеветнички тврдења од медиуми и портали, особено ако истите се поврзани со лица за кои се водат предистражни постапки.
Секој понатамошен обид за ширење на дезинформации ќе биде третирано како сериозно нарушување на угледот на институцијата, со преземање на сите законски мерки за заштита на интегритетот на Друштвото и неговите вработени.

