РАЗДОР ВО БРИСЕЛ – Членки на ЕУ се тужат меѓу себе за забраната на руска нафта и гас

Спор околу забраната за увоз на руска нафта и гас го продлабочува раздорот во Унијата

РАЗДОР ВО БРИСЕЛ – Членки на ЕУ се тужат меѓу себе за забраната на руска нафта и гас
Фото: Принтскрин

Унгарија и Словачка најавуваат дека ќе побараат од Европскиот суд на правдата да ја поништи и суспендира Предлог-регулативата на ЕУ со која се забранува увоз на руска нафта и гас во Унијата, информира унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.

„Ова претставува јасно прекршување на Договорот на Европската Унија. По својата суштина, станува збор за санкција, а не за трговска мерка,“ изјави Сијарто вчера во Луксембург.

Тој оцени дека регулативата е „масовна правна измама“ чија цел е заобиколување на правилото за консензус при носењето одлуки во рамките на ЕУ, со што, како што нагласи, се поткопуваат националните надлежности на земјите членки.

„Ова е голем скандал. Мораме да разгледаме одредени правни чекори,“ додаде Сијарто.

Европската комисија ја смета регулативата, која сè уште е во процедура на усвојување, за „редовен законодавен акт“. Тоа значи дека за нејзино донесување е потребно квалификувано мнозинство, со што Унгарија и Словачка кои се противат на предлогот не би имале можност да стават вето.

Сијарто тврди дека, бидејќи се работи за прашање поврзано со надворешната политика на ЕУ, регулативата треба да биде донесена со консензус, како и санкциите.

Според Договорот на ЕУ, секоја земја членка има право да оспори пред Европскиот суд на правдата постапка за која смета дека го прекршува законодавството на Унијата.

Од друга страна, еврокомесарот за енергетика Дан Јоргенсен уверува дека правната основа на Предлог-регулативата е „целосно јасна“.

„Русија покажа дека не е сигурен трговски партнер, што ја прави ситуацијата јасен пример за преземање трговски мерки,“ рече Јоргенсен.

И данскиот министер за енергетика Ларс Агард, чия земја претседава со Советот на ЕУ, се согласува со ова гледиште. Тој истакна дека правната служба на ЕУ потврдила дека постапката е законски заснована.

„Ако некои земји сакаат и имаат ресурси да преземат нешто преку правниот систем, секако дека можат да го направат тоа,“ додаде Агард.

CATEGORIES
TAGS
Share This