РАСТ НА НЕФОРМАЛНОТО ВРАБОТУВАЊЕ Над 100 илјади работат нерегистрирано

Активното население брои 796.930 лица, од кои над 705 илјади се вработени

РАСТ НА НЕФОРМАЛНОТО ВРАБОТУВАЊЕ Над 100 илјади работат нерегистрирано
Фото: Принтскрин

Државниот завод за статистика објави дека бројот на невработени лица во третиот квартал од 2025 година е зголемен за 0,4% во однос на претходниот квартал, но е намален за 6,7% споредено со истиот период минатата година. Стапката на невработеност изнесува 11,5%, при што 62,4% од невработените се мажи, а 37,6% се жени.

Вработеноста е зголемена за 0,5%. Од вкупниот број вработени лица, 57,8% се мажи, а 42,2% жени.

Статистиката регистрира и раст на неформалното (нерегистрирано) вработување. Во третиот квартал нерегистрирано работеле 100.619 лица, што претставува пораст од 2,5% во однос на претходниот квартал. Најголемиот дел од нив се ангажирани во секторот земјоделство, шумарство и рибарство (48,8%), а по него следува градежништвото (17,7%).

Од вкупниот број неформално вработени, 34.340 се работници, 2.648 се работодавачи, над 34.000 лица работат за сопствена сметка, а околу 29.000 се вклучени во семеен бизнис. Неформално вработување е присутно и во трговијата, угостителството, транспортот и преработувачката индустрија.

Вкупното активно население во третиот квартал од 2025 година изнесува 796.930 лица, од кои 705.165 се вработени, а 91.765 невработени.

CATEGORIES
Share This