РАСПРОДАДЕНО НИ Е – Иран испрати брутална порака до Америка
Иран ја одби понудата на САД за привремено олеснување на санкциите за нафта.

Иранските власти ја одбија понудата од САД за привремено олеснување на санкциите за продажба на нафта, испраќајќи јасна порака дека не планираат компромис во актуелниот геополитички контекст.
Претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Галибаф, реагираше на предлогот од американската администрација, која понуди ослободување на залихи иранска нафта со цел стабилизирање на глобалниот пазар. „Укинување на санкциите за иранската нафта која е заробена на море? Жал ни е – распродадено ни е“, напиша Галибаф на социјалните мрежи.
Американскиот министер за финансии, Скот Бесент, изјави дека ваквиот потег би овозможил брзо пласирање на околу 140 милиони барели нафта, што би го намалило притисокот врз цените на енергенсите. Санкциите за иранската нафта се на сила со години, а дополнително беа заострени откако администрацијата на Доналд Трамп во 2018 година се повлече од нуклеарниот договор со Иран.
Техеран денеска нагласи дека Ормускиот Теснец е отворен за пловидба, но не и за бродови поврзани со земји што Иран ги смета за непријатели. Иранскиот претставник во Меѓународната поморска организација, Али Мусави, истакна дека „дипломатијата останува приоритет“, но дека пловидбата повеќе не се третира како неутрално прашање. Тоа значи дека овој критичен морски пат сè поотворено се користи како инструмент на политички и воен притисок.
Паралелно, Галибаф предупреди дека критичната инфраструктура, енергетските постројки и нафтените капацитети во Блискиот Исток можат да бидат „неповратно уништени“ доколку бидат нападнати иранските електрани. Ова доаѓа по ултиматумот на Трамп, кој му даде на Иран 48 часа целосно да го отвори Ормускиот Теснец или да се соочи со американски напади врз енергетската инфраструктура.
Со ова конфликтот се префрла од класична воена размена кон сферата на енергетиката, транспортот и критичните системи, што значи дека последиците веќе не се само регионални. Guardian потсетува дека пред војната низ Ормускиот Теснец минувала околу една петтина од светската морска трговија со сурова нафта. Доколку каналот остане затворен или селективно достапен, ударот врз цените на нафтата и пошироката трговија ќе биде значителен.
Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека војната со Иран му оди во прилог на Владимир Путин, бидејќи ја троши вниманието и ресурсите на Западот што инаку би се насочиле кон Украина. Ова ја покажува глобалната димензија на конфликтот, кој веќе влијае на повеќе кризи ширум светот.


