ПУТИН Е РЕШЕН ДА ЈА ПРОДОЛЖИ ВОЕНАТА ИНТЕРВЕНЦИЈА ВО УКРАИНА Оценија американските разузнавачки служби
Разузнавачите сметаат дека Путин, и покрај големите човечки и економски загуби, е посветен на освојување на украинска територија за да ги оправда жртвите од војната.

Според најновата проценка на американските разузнавачки служби, рускиот претседател Владимир Путин е решен да ја продолжи воената интервенција во Украина и да постигне победа на бојното поле.
Анализата, презентирана пред Конгресот, наведува дека Русија не покажува подготвеност за компромис, и покрај напорите на американскиот претседател Доналд Трамп за посредување во мировните преговори, објави NBC News.
Разузнавачите сметаат дека Путин, и покрај големите човечки и економски загуби, е посветен на освојување на украинска територија за да ги оправда жртвите од војната.
Како одговор, Трамп го откажа планираниот состанок со Путин во Будимпешта и воведе нови санкции против две големи руски нафтени компании — првпат откако ја презеде функцијата.
„Само почувствував дека е време“, рече Трамп, додавајќи дека санкциите се „огромни“ и дека се надева оти ќе придонесат за завршување на војната.
Белата куќа соопшти дека трајниот мир зависи од подготвеноста на Русија да преговара со добра волја.


