ПУШТЕН ВО УПОТРЕБА ДЕЛ ОД АВТОПАТОТ КИЧЕВО – ОХРИД – првите 20 километри конечно отворени за сообраќај

Првите 20 километри од автопатот Кичево – Охрид, на потегот од Врбјани до прекинот кај Ботун, денеска официјално беа пуштени во употреба. Премиерот Христијан Мицкоски порача дека во само една година успеале да го деблокираат еден од најзаглавените инфраструктурни проекти во земјата и дека со работа и посветеност докажале дека изградбата на овој автопат е возможна.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, посочи дека автопатот е симбол на разликата меѓу сегашната и претходната влада. Како што рече, целта е побрзо патување низ западниот дел од земјата, подобро поврзување со Албанија и отворање на туристичките центри – Охрид и Струга.
Директорот на ЈП за Државни патишта, Коце Трајановски, рече дека ова е шеста делница што ја пуштаат во употреба. „Досега беа отворени делниците Градско – Фариш, Фариш – Дреново, Страцин – Крива Паланка, Гевгелија – Валандово и Охрид – Свети Наум. Продолжуваме со работа“, изјави Трајановски.


