ПУШТЕН ONE STOP СИСТЕМОТ Нов систем на граничниот премин Јажинце меѓу Македонија и Косово

Новиот систем има за цел да го забрза преминот на патници и стока, да го олесни транспортот, да ја унапреди трговијата и да го поттикне туризмот меѓу двете држави.

ПУШТЕН ONE STOP СИСТЕМОТ Нов систем на граничниот премин Јажинце меѓу Македонија и Косово
Фото: Принтскрин

Министерот за внатрешни работи на Република Македонија, Панче Тошковски, заедно со неговиот косовски колега Џелал Свечла, денеска го посетија граничниот премин „Јажинце-Глобочица“ каде што официјално беше пуштен во употреба „One Stop“ системот за заедничка гранична контрола. Новиот систем има за цел да го забрза преминот на патници и стока, да го олесни транспортот, да ја унапреди трговијата и да го поттикне туризмот меѓу двете држави.

„Со пуштањето во функција и на овој граничен премин помеѓу Македонија и Косово, ја заокружуваме имплементацијата на заедничкиот систем на границата со Косово. Тоа овозможува побрз и поефикасен трансфер на граѓани меѓу двете земји,“ изјави министерот Тошковски.

Тој додаде дека позитивните искуства од граничниот премин Блаце, каде што системот веќе функционира, се охрабрувачки и дека се очекува истиот успех и на преминот Јажинце.

„Секоја од полициските служби ја штити својата граница, но со брза размена на информации овозможуваме граѓаните од двете страни за кратко време да го преминат граничниот премин,“ додаде Тошковски.

Имплементацијата на „One Stop“ системот започна на граничниот премин Блаце – Елез Хан, а во наредниот период се очекува истиот модел да биде воведен и на граничните премини со Србија и Албанија. Со тоа, Македонија ќе го има имплементирано овој систем со сите соседни земји кои не се членки на Европската Унија.

Овој потег се смета за значаен чекор кон регионалната интеграција, поедноставување на процедурите и подобрување на билатералната соработка.

CATEGORIES
TAGS
Share This