ПРВПАТ МАКЕДОНКА ПОТПРЕТСЕДАТЕЛКА – Професорката Рената Дескоска избрана во раководството на Венецијанската комисија

Изборот на Дескоска има историска димензија како прва Македонка избрана во врвното раководтство на Венецијанската комисија

ПРВПАТ МАКЕДОНКА ПОТПРЕТСЕДАТЕЛКА – Професорката Рената Дескоска избрана во раководството на Венецијанската комисија
Фото: Фејсбук

Рената Дескоска е избрана за потпретседателка на Венецијанската комисија, соопшти таа преку својот фејсбук профил.

Изборот се случил за време на 145-та сесија на Венецијанската комисија, која се одржува на 12 и 13 декември во Венеција. За нова претседателка на Комисијата е избрана Марта Картабија, професорка по уставно право и поранешна министерка за правда на Италија. Покрај Дескоска, за потпретседатели се избрани и Ерик Холмовик од Норвешка и Тимоти Оти од Обединетото Кралство.

Дескоска истакнува дека е првата потпретседателка на Венецијанската комисија која доаѓа од Македонија, како и од земја која не е членка на Европската Унија, ниту од државите произлезени од поранешна Југославија.

„Овој избор го сфаќам како признание за мојата активност и досегашниот придонес во работата на Комисијата“, наведува таа.

Додава дека досега учествувала во изработка на 14 мислења за различни држави, кои биле едногласно усвоени на пленарните седници. Воедно, како претставничка на Венецијанската комисија, учествувала и на повеќе меѓународни мисии и конференции.

Според Дескоска, новата функција претставува дополнителна обврска за продолжување на ангажманот во промоција на европските стандарди во областа на демократијата, човековите права и владеењето на правото, при што изрази благодарност до сите кои ја поддржале.

CATEGORIES
Share This