ПРВ ХРВАТСКИ БЕНД НА БИТОЛСКАТА СЦЕНА Нина Ќориќ ѝ оддаде чест на Есма Реџепова
Центарот за култура во Битола исполнет со енергија, виртуозност и светски звук

За време на минатиот викенд, во Центарот за култура во Битола – Градот на конзулите за првпат настапија реномираните хрватски музичари Balkan Zoo, предводени од харизматичната фронтменка Нина Ќориќ.
Публиката беше пречекана со експлозивна world music-фузија што маестрално ги спои фламенкото и балканските ритми, настап кој беше дел од 17. Фестивал на музика од светот.
Нина Ќориќ не ја сокри радоста што конечно музицира пред македонската публика. Таа истакна дека Balkan Zoo се првиот хрватски бенд што настапил на оваа сцена во Битола и додаде дека особено ѝ значи што токму тука ги интерпретира песните на Есма Реџепова. Концертот донесе вечер исполнета со силни емоции, извонредна енергија и врвна музичка виртуозност.
Во дискографијата на Balkan Zoo и Нина Ќориќ се издвојуваат два одлични албума издадени под етикетата на Croatia Records, најголемата издавачка куќа во регионот: „Recycle“ и „Музика за плес“. На нив се вклучени ромски песни со посебен акцент на богатото творештво на легендарната Есма Реџепова.


