ПРОСТОРИ И КОНЈУНКЦИЈА – Македонската уметност ги поврзува Загреб и Скопје
Проектот патува и во други европски културни центри како што се Софија, Белград и Истанбул

Вчера во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб пред бројна публика беше отворена изложбата „Простори на конјункција“, реализирана во соработка со Националната галерија на Македонија.
Проектот „Простори на конјункција (спојување)“ претставува повеќеслојна мултимедијална мрежа која ја нагласува активната улога на гледачот како коавтор. Секој посетител влегува во интеракција со фрагментите – распарчените траги на интимното, архивирани во различни материјали кои постојано се обидуваат да се спојат во нова целина.
Преку графика, цртеж, фотографија, видео, објекти и колажи, авторите не само што раскажуваат приказни, туку создаваат мултимедијални платформи каде секој медиум станува канал за конјункција и взаемна поврзаност.
На изложбата со наслов „Простори на конјункција – Картографија на фрагментот: Наративи, граници, меморија“ се претставени дела на реномирани современи македонски уметници: Роберт Јанкулоски, Велимир Жерновски, Моника Мотеска, Шќипе Мехмети, Ирена Паскали, Михаела Јовановска, Ѓорѓе Јовановиќ, Ацо Станкоски, Иванчо Талевски, Жанета Вангели и Марија Сотировска.
Во своето обраќање, директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, истакна дека со гостувањето на „Простори на конјункција“ Националната галерија ја заокружува својата меѓународна мапа за годината. Таа ја воведе публиката во контекстот на проектот и ги претстави авторите, нагласувајќи дека тројца од нив веќе ја претставувале Македонија на Венециското биенале – Жанета Вангели, Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, а уметникот Велимир Жерновски следната година ќе биде македонски претставник на истата престижна манифестација.
Маја Крстевска, програмски раководител во Националната галерија, нагласи дека изложбата испраќа јасна порака за поврзаност и добри мисли кои го оплеменуваат човечкото битие. Таа го истакна значењето на завршувањето на загребската сезона со овој проект, со што се заокружува богатата програма на Галеријата.
Али Синани, директор на Националната галерија на Македонија, ја прогласи изложбата за отворена и нагласи дека оваа соработка со македонскиот КИЦ во Загреб е јасен импулс дека уметноста има моќ да ги поврзе двете земји. Тој најави и идни заеднички изложбени проекти, и изрази благодарност до Мими Ѓоргоска Илиевска, посебно за соработката на КИЦ со загребскиот Музеј за уметности и занаети, што отвора нови можности за афирмација на македонските и хрватските уметници во двете земји.
Проектот „Простори на конјункција“ оваа година беше претставен и во македонските КИЦ во Софија, Белград и Истанбул, а е поддржан од Министерството за култура и туризам на РСМ во рамките на Годишната програма за проекти од национален интерес.


