ПРОФЕСОРОТ ЈАНЕВ – Еве зошто САД треба да бидат исклучени од Обединетите нации поради Венецуела
Организацијата на Обединетите Нации не смее да остане нем сведок на американските злоупотреби

Професорот Игор Јанев од Институтот за политички студии во Белград во изјава за „Национал“ ја коментира неодамнешната седница на Советот за безбедност на ООН, оценувајќи ја како „срамна и недостојна за една глобална организација чија основна цел е одржување на мирот и почитување на меѓународното право“.
„Недонесувањето на резолуција која јасно ќе го осуди киднапирањето на претседателот на Венецуела покажува дека ООН мора сериозно да размисли за реформа на својот систем на вето. Предлагам да се воведат механизми со кои правото на вето ќе се ограничи во ситуации кога мнозинството членки на Советот за безбедност ќе донесе резолуција спротивна на волјата на носителите на ова право на вето. Ако таквата членка се оглуши на одлуката на мнозинството, таа може да биде суспендирана или дури исклучена од членството на ООН“, истакна Јанев.
Во врска со агресијата против Венецуела, професорот е категоричен:
„Непочитувањето на дипломатскиот имунитет на претседателот и киднапирањето од страна на САД претставува флагрантно кршење на меѓународното право. Сметам дека, поради вакви акти на агресија кон суверена држава-членка, треба сериозно да се разгледа исклучувањето на САД од Организацијата на Обединетите нации.“ – потенцира професорот Јанев.


