ПРОДОЛЖУВА СУДЕЊЕТО ЗА ПУЛС Одбраната со воведни зборови

Одбраната најавува докази и сведоци, Обвинителството бара утврдување на лична и институционална одговорност

ПРОДОЛЖУВА СУДЕЊЕТО ЗА ПУЛС Одбраната со воведни зборови
Фото: Национал

Во судницата во Идризово при Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. На денешното рочиште се предвидени воведни зборови на одбраната на Александар Нацев, кого Обвинителството го товари дека дејствувал како неформален, односно реален сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, задолжена за обезбедувањето на клубот. Воведни обраќања се очекуваат и од одбраната на обвинетите правни лица „ММММ КАФЕ“ ДООЕЛ Кочани и „РУБИКОН СЕКЈУРИТИ СОЛУШНС“.

На почетокот на денешното рочиште, Судот одлучи постапката за овој предмет да се спои со постапката против сопственикот на дискотеката.

Претходно, во воведното излагање, обвинителот Борче Јанев истакна дека судењето претставува чекор кон утврдување на лична и институционална одговорност. Тој нагласи дека општеството мора да се соочи со вистината – кој дозволил, кој молчел и кој не спречил да се случи трагедијата. Според него, не е клучно само кој го предизвикал пожарот, туку и кој имал можност да го спречи. Јанев посочи дека трагедијата не е последица само на употребата на пиротехника, туку резултат на долгогодишни системски пропусти, институционален молк и недостиг на контрола, што ја претвориле дискотеката во „смртоносна стапица“. Обвинителството, како што рече, бара правда а не одмазда, туку одговорност за незаконитост и занемарена должност.

Сите обвинети на почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни за трагедијата во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Дел од нив изразија сочувство до семејствата на жртвите, но останаа на ставот дека не сториле „тешки дела против општата сигурност“.

Повеќемина обвинети, преку своите бранители, ја оспорија основаноста на обвинението, тврдејќи дека не презеле дејствија што можеле да доведат до пожарот, дека поседувале валидна документација и дека трагедијата е последица на институционални пропусти, а не на индивидуална вина. Одбраната најави изведување докази и сведоци со кои ќе се поткрепи оваа теза.

На претходното рочиште, Судот ги прифати приговорите на дел од бранителите дека интегрираното обвинение со листата на докази не им било доставено на обвинетите, информирајќи дека тоа ќе биде дополнително обезбедено.

Во досегашниот тек на постапката, свои воведни одбрани веќе дадоа првообвинетиот сопственик на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов, сопственикот на „МММ кафе“ Митко Стојанов, обезбедувачот Стојанчо Димитриев и сопственикот на објектот Гроздан Милковски. Јованов изјави дека и по девет месеци притвор не може да поверува во трагедијата и дека како родител никогаш не би дозволил небезбедни услови во клубот. Неговиот син, третообвинетиот Михаил Јованов, преку одбраната тврдеше дека против него нема докази и дека е обвинет само поради семејната поврзаност.

Бранителите на Митко Стојанов оценија дека обвинението е неосновано и дека нема причинско-последична врска меѓу неговите постапки и пожарот. Одбраната на Гроздан Милковски истакна дека закупот на објектот бил законит, дека тој поседувал валидна документација и дека не учествувал во адаптацијата на просторот.

Проектантката Милка Едровска наведе дека била ангажирана исклучиво за сообраќајно решение за паркинг и дека нема врска со реконструкцијата или внатрешната структура на објектот. Градежните инспектори, пак, тврдат дека не можеле да постапуваат без пријава или наредба и дека причините за трагедијата не се во градежни пропусти.

Поранешниот градоначалник на Кочани, Ратко Димитровски, преку бранителот оцени дека обвинението претставува преседан, нагласувајќи дека уште пред отворањето на клубот поднел барање за неиздавање дозвола за работа. Одбраната на поранешните градоначалници Николчо Илијев и Љупчо Папазов тврди дека тие постапувале согласно закон и дека надзорот не бил во нивна надлежност.

Обвинетите од обезбедувањето истакнаа дека обвинението се темели на претпоставки, дека дел од нив имале ограничени задачи и дека реално не можеле да го спречат внесот на пиротехника, повторно посочувајќи на институционални пропусти.

Поранешните министри за економија Крешник Бектеши и Ваљон Сараќини, како и поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување, ги негираа обвиненијата, додека одбраната на службениците од Министерството за економија наведе дека тие имале исклучиво административни надлежности поврзани со лиценци, без можност за теренска контрола.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“. Во објектот имало повеќе посетители од дозволеното, меѓу кои и малолетници, а била активирана пиротехника без соодветна дозвола. Според обвинението, дискотеката со години работела незаконски, без минимално-технички услови, со нелегални реконструкции и без систем за противпожарна заштита.

CATEGORIES
TAGS
Share This