ПРОДОЛЖУВАЊЕ САМО НА ПОСТАПКИТЕ ЗА БЕСПРАВНИ ОБЈЕКТИ – Без нови барања за легализација

Измената се однесува само на веќе поднесени барања, без нови легализации

ПРОДОЛЖУВАЊЕ САМО НА ПОСТАПКИТЕ ЗА БЕСПРАВНИ ОБЈЕКТИ – Без нови барања за легализација
Фото: Национал

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата минатата недела поднесе предлог за измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, по скратена постапка, рече денеска пратеникот Бојан Стојановски.

„Нашата цел со овие измени е јасна. Граѓаните не смеат да останат со нерешен статус на својот дом поради административни пречки или бавни постапки. Многу наши сограѓани со години се заглавени во судски спорови за имотно-правни прашања или претходни постапки кои не биле нивна вина. Актуелниот закон истекува на 3 март 2026 година, што би значело дека илјадници предмети во постапка ќе бидат прекинати „по сила на закон“. Ние тоа нема да го дозволиме“ – рече Стојановски.

Со овој предлог се предлага продолжување на рокот за дополнителни 5 години, односно законот да важи вкупно 20 години, до 3 март 2031 година.

„Овозможуваме правна сигурност за општините како надлежни органи да можат легално да ги завршат сите веќе започнати постапки. Оваа измена не предвидува поднесување на нови барања за легализација, туку е насочена кон граѓаните кои веќе поднеле документација и со години чекаат на имотен лист. Иницијативата е директен одговор на барањата на Управниот одбор на ЗЕЛС и на општините, кои секојдневно се соочуваат со проблеми на терен“ – рече Стојановски.

Тој додаде дека законското решение не предизвикува дополнителни финансиски трошоци за државниот Буџет и ќе стапи на сила веднаш по објавувањето во Службен весник, за да не се создаде правен вакуум.

„Како пратеници, наша должност е да бидеме сервис на народот. Со оваа измена помагаме на илјадници семејства да го остварат своето право и законски да го обезбедат својот покрив над главата. Продолжуваме да работиме во интерес на граѓаните, за стабилен и конзистентен правен систем“ – рече Стојановски.

Собранието веќе еднаш, во 2021 година кога мнозинството го имаше СДСМ, го продолжи рокот на законот за 5 години. Сега предлогот на ВМРО-ДПМНЕ предвидува уште едно продолжување за 5 години, што значи дека вкупно 20 години ќе биде овозможена легализација на бесправно изградени објекти. Со овој предлог нема да може да се поднесуваат нови барања за легализација, туку само да се довршат веќе започнатите постапки.

CATEGORIES
TAGS
Share This