ПРОДОЛЖИ СУДЕЊЕТО ЗА ПУЛС – Директорите на ДЗС со жестоки одбрани, обвинението е политичка конструкција
Адвокатите предупредуваат дека случајот се темели на погрешно утврдени факти и дека обвинителниот акт не утврдува реална причинско-последична врска.

Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, продоли денеска во судницата во Идризово.
Во продолжение воведни говори изнесуваат поранешните директори на ДЗС – Шабан Салиу, Аднан Џаферовски, Беким Максути и Џевад Селами.
Потоа на ред се поранешните министри Ваљон Сараќини и Крешник Бектеши, како и повеќе претставници од Министерството за економија. Воведен збор треба да дадат и пазарните инспектори, како и обвинетиот Александар Нацев, сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, чии предмети беа споени со случајот непосредно пред почетокот на процесот.
Поранешниот директор на ДЗС и актуелен министер без ресор, Шабан Салиу, повтори дека обвинението е „политички конструкт под притисок на јавноста“. Тој тврдеше дека Пазарниот инспекторат бил надлежен за проверка на техничките услови во угостителските објекти, а не ДЗС.
„Како да одговараме за објект што за нас воопшто не постоел? Ние не сме детективи за нелегални градби“, рече Салиу, барајќи фер постапка и почитување на презумцијата на невиност.
Неговиот бранител, адвокат Димитар Дангов, додаде дека обвинението погрешно гради каузална врска меѓу директорите и настанатата трагедија. Според него, инспекциската служба е независна и не е под дирекна надлежност на директорите.
„Директорите немале ниту обврска, ниту инструмент да распоредат инспектори во Кочани“, нагласи Дангов.
Воведно се обрати и поранешниот директор Аднан Џаферовски, кој рече дека е обвинет за „несторување во нефункционален систем во кој бил само кратко време“. Неговата бранителка, Сузана Јошевска-Анастасовска, посочи дека реконструираниот објект во 2025 година правно претставувал нов субјект со нова безбедносна конфигурација. Таа нагласи дека за вонреден надзор мора да има претходна дојава или информација – што во случајот не постоела и дека „без каузалитет нема кривична одговорност“.
Обвинителството, пак, тврди дека поранешните директори системски пропуштиле да спроведуваат редовни и вонредни инспекциски контроли во дискотеки и кабареа низ целата држава, со што го ослабиле системот на заштита и ги изложиле граѓаните на ризик.
Одбраната пак на поранешните директори на ДЗС – Беким Максути и Џеват Селами остро се спротивстави на обвинителниот акт. Бранителот на Максути, Еленко Миланов, пред судот посочи дека обвинението е неосновано и дека неговиот клиент не може да се доведе во причинско-последична врска со настанот. Адвокатот Јасмин Калач, кој го застапува Селами, додаде дека постапката против неговиот клиент се темели на нецелосни и погрешно утврдени факти.
Двајцата адвокати истакнаа дека, според нив, вистинските одговорни за пожарот воопшто не се опфатени со обвинението и дека Максути и Селами немале ниту законски надлежности, ниту фактичка моќ да влијаат врз трагичниот исход.
Во своето обраќање, адвокатот Миланов дополнително ја образложи линијата на одбрана за Максути, повторувајќи дека обвинението против директорот на ДЗС е целосно неосновано и дека нема елементи што го поврзуваат со трагедијата.
Градежниот инспектор во пензија, Огњан Георгиев, побара дополнение на својот воведен говор, нагласувајќи дека е обвинет без основ.
Тој истакна дека 28 години работел како градежен инспектор „најчесно и најсовесно, без ниту една црна дамка“. Последните пет и пол години од работниот век не ги поминал како инспектор, туку бил префрлен во одделението за урбанизам, а во пензија заминал пред повеќе од четири години.
„Со оваа трагедија немам никаква врска. Во текот на мојата служба имав контроли во многу градови – Виница, Штип, Делчево, Скопје, Пробиштип, Кавадарци, Радовиш… Никогаш не сум добил наредба или барање за контрола на ваков објект. Објектот никогаш не бил во моја надлежност, ниту сум влегол во него“, изјави Георгиев.
Тој нагласи дека секогаш постапувал строго по закон, дека никогаш немал проблем со законската регулатива и дека нема загубено ниту еден судски спор со странки.
„Обвинет сум без никаква основа. Термини како трајно кривично дело, соизвршителство, умисла, евентуална умисла, небрежност – сето тоа нема допирна точка со мене“, додаде тој.
Георгиев побара Јавното обвинителство да го преиспита обвинението и да престане да го поврзува со „пренамена“, бидејќи, како што вели, во овој случај постоела само промена на дејност, за која градежната инспекција нема надлежност.
„Инспекцијата може да затвори градилиште, но да забрани стопанска дејност не може“, истакна тој.
Според него, суштината на обвинението не укажува на ниту една конкретна законска обврска што тој или неговите колеги наводно ја пропуштиле, ниту пак дека поради тоа настанал пожарот.
„Повикувањето на општи одредби за законски обврски за толку различни структури на обвинети е неозбилно и се коси со принципот на законитост“, рече Георгиев.
На крај, тој порача:
„Не сум виновен и не гледам што сум згрешил. Кажете ми што конкретно сум пропуштил според законот. И јас барам правда – исто како и сите други.“
Да потсетиме, и на претходното рочиште дел од обвинетите ја оспорија обвинителната постапка, оценувајќи ја како нецелосна и без конкретни докази за индивидуални дејствија. Случајот се води под засилени безбедносни мерки, со присуство на обвинетите, роднини на жртвите и голем број новинари.
Обвинителството, застапено од тим од 15 обвинители, најавува дека доказите ќе покажат дека „Пулс“ бил смртоносна стапица уште од самиот почеток, како резултат на системски пропусти и институционален немар.
На обвинителна клупа се 37 лица – сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедувачи и државни службеници.


