ПРОДОЛЖЕН РОКОТ ЗА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА – Граѓаните ќе имаат пет години плус за завршување на постапките за дивоградби

Законот се однесува само на веќе започнати постапки, без нови барања

ПРОДОЛЖЕН РОКОТ ЗА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА – Граѓаните ќе имаат пет години плус за завршување на постапките за дивоградби
Фото: Принтскрин

Денеска, на 85. седница, Собранието го усвои Законот за изменување на Законот за постапување со бесправно изградените објекти, со кој се продолжува рокот за легализација за уште пет години, односно до 2031 година. Продолжувањето се однесува исклучиво на објекти за кои граѓаните веќе поднеле документација и кои се во процес на постапка, без отворање можност за нови барања.

Законот беше донесен со 67 гласа „за“, пет „против“ и без воздржани.

На почетокот на месецот, Управниот одбор на ЗЕЛС достави иницијатива до Собранието, Владата и Министерството за транспорт со барање за продолжување на рокот за легализација заклучно со 2031 година. Во барањето се наведува дека многу постапки не се завршени поради судски спорови, наследни и други имотно-правни прашања, како и други непредвидени околности. Целта е само да се довршат веќе започнатите постапки, а не да се отвори нов процес на легализација.

Првично, законот беше донесен во 2011 година, а со денешните измени во членот 5, времетраењето на процесот се продолжува од „петнаесет години“ на „дваесет години“. Парламентарното мнозинство посочи дека станува збор за техничко продолжување за да не се прекинат илјадници предмети во различни фази на постапка.

гализаПратеничката Бисерка Златеска (ВМРО-ДПМНЕ) појасни дека законското продолжување се однесува исклучиво на постоечки предмети и не отвора нови процеси. Таа додаде дека доколку законот не се донесе, граѓаните што навреме поднеле барања би биле казнети поради пропусти на институциите, а не по своја вина. Законот, според неа, нема финансиски импликации врз буџетот.

Пратеникот Малиша Станковиќ (СПМ) истакна дека иако законот од 2011 година бил контроверзен, сега е неопходно да се решат проблемите на граѓаните кои не го завршиле процесот поради системски причини. Тој посочи дека илјадници дивоградби, како во Кисела Вода, би биле незаконски укинати доколку не постоел овој законски механизам.

Пратеникот Беким Ќоку (Беса) ја поддржа иницијативата, нагласувајќи дека продолжувањето овозможува завршување на постапките за легализација на објекти изградени без дозвола.

Сашко Јанчев (Левицата) изрази критика, тврдејќи дека законот има погрешно име и дека всушност го стимулира бесправното градење. Неговиот колега Реџеп Исмаил додаде дека со законот нема да се реши проблемот, бидејќи ќе се отвори можност за нови апликации и дивоградби.

Пратеникот Оливер Спасовски (СДСМ) нагласи дека продолжувањето е неопходно поради системски пропусти што не овозможиле завршување на процесите од 2011 година. Тој додаде дека, покрај пролонгирањето на рокот, е потребна и реформа на системот за урбанистичко планирање, со примери од Грција, Албанија и Косово, каде што се користат поедноставени и поефикасни планови за изградба.

CATEGORIES
Share This