ПРОЦЕСОТ СО ЛЕКАРИТЕ ДОБИВА НОВ ОБРТ: Одбраната удира по медицинските вештачења, обвинителството останува на својот став

Судскиот процес против четворица лекари обвинети за несовесно лекување добива нова димензија поради жестоката дебата околу квалитетот и валидноста на медицинските вештачења, особено оние добиени од странство.

ПРОЦЕСОТ СО ЛЕКАРИТЕ ДОБИВА НОВ ОБРТ: Одбраната удира по медицинските вештачења, обвинителството останува на својот став

На последното рочиште, одбраната остро ја оспори релевантноста на експертизите, тврдејќи дека некои од клучните докази се нецелосни или манипулирани, со што најавија цврста правна стратегија за нивно дискредитирање.

„Ќе го дискредитираеме обвинението со сопствени вешти наоди и мислења. Побаравме и комплетирање на доказниот материјал, бидејќи недостигаат медицинските истории за четири пациенти“, изјави адвокатот Владимир Туфегџиќ, укажувајќи дека процесот се води со селективни и непотполни информации.

Адвокатот Јовица Страшевски, пак, отвори сомнеж за евентуални злоупотреби во документацијата и селективна одговорност.

„Поранешниот директор Никола Васев користел печати и логови од други лекари и дури ставал свои печати на туѓи документи. Не е јасно зошто само тројца лекари од целата клиника се најдоа на обвинителна клупа, кога има индиции за поширока злоупотреба“, истакна Страшевски.

Обвинителката Ана Гоговска Јакимовска ги отфрли забелешките како неосновани и потсети дека доказите прибавени од странство се легитимни и правно валидни според меѓународното право.

„Еден од принципите на меѓународната правна соработка е довербата во институциите на државите со кои соработуваме. Така што наводите на одбраната се беспредметни“, изјави таа, потенцирајќи дека словенечките вештачења се добиени по сите законски процедури.

Следното рочиште е закажано за 5 септември, кога се очекува продолжување на расправата по обвинението, кое лекарите ги товари за несовесно лекување на пациенти. Обвинителството тврди дека поради нивната негрижа, дошло до сериозни здравствени последици кај повеќе пациенти.

Судењето продолжува под засилен јавен интерес и со најава за ангажирање на независни експерти од двете страни.

CATEGORIES
Share This