ПРОБЛЕМИ ЗА ВИНИСИУС Реал Мадрид во паника

Бразилскиот фудбалер Винисиус Жуниор се наоѓа пред значаен предизвик – повторно да стане клучен играч на теренот и да ги надмине разочарувањата поради пропуштената шанса за Златната топка за 2024 година, пренесува „Марка“. Поминаа десет месеци откако Родри ја подигна Златната топка на 28 октомври минатата година, оставајќи го Винисиус без наградата која многу ја посакуваше. Овој настан беше тежок удар не само за него, туку и за Реал Мадрид, кој реагираше со бојкот на свеченоста за доделување на наградата.
Иронично, само шест дена пред тоа, на 22 октомври, Винисиус постигна „хет-трик“ против Борусија Дортмунд на стадионот Бернабеу, изгледајќи како сигурен кандидат за наградата. Тоа вечер беше незапирлив, а патот до Париз и сцената на театарот „Шатлет“ изгледаше целосно отворен. Но, судбината имаше други планови. Сега, речиси една година подоцна, Винисиус не е веќе оној играч кој доминираше на теренот. Минатата сезона, колективниот неуспех на тимот, кој од седум можни трофеи освои само два помалку значајни, остави последици на сите ѕвезди на клубот.
Во новата сезона, Бразилецот сè уште не успева да ја најде својата најдобра форма. На неодамнешниот натпревар против Осасуна, вниманието беше насочено кон другите играчи, особено кон Килијан Мбапе, кој доминираше во нападот. Винисиус, од друга страна, одигра незабележлив натпревар и беше успешно запрен од одбраната на противникот. Ова е јасен знак за тренерот, кој одлучи да го замени, иако Реал водеше со тесен резултат. Шансата ја доби Гонзало, најдобриот стрелец на Светското клупско првенство, натпреварување на кое Винисиус не успеа да блесне.


