ПРОБИЕН И ПОСЛЕДНИОТ ТУНЕЛ – Железничко поврзување меѓу Бугарија и Македонија до 2030
Бугарската страна модернизира делници од Софија до Ѓуешево и последната делница кон границата

До 2030 година, Бугарија и Македонија ќе го завршат железничкото поврзување, истакнаа вршителот на должноста министер за транспорт и врски на Бугарија, Корман Исмаилов, и македонската амбасадорка во Софија, Агнеза Руси Поповска, на состанок во бугарското Министерство за транспорт.
По ратификацијата на Договорот за изградба на прекуграничниот железнички тунел од двата парламента, ќе се формира Заеднички комитет, кој ќе ја координира подготовката, изградбата и идното работење на проектот.
Бугарската страна работи на модернизацијата на линијата Софија – Перник – Радомир – Ѓуешево, додека македонската амбасадорка нагласи дека соработката меѓу институциите е клучна за успешна реализација на проектот.
Договорот за тунелот беше потпишан на 6 ноември 2025 година во Ѓуешево, а следуваше ратификација во македонското и бугарското Собрание.
На македонска територија, првата делница Куманово-Бељаковце е пуштена, втората делница Бељаковце-Крива Паланка (34 км) е завршена над 30%, а последниот од 15-те тунели е пробиен. За третата делница, Крива Паланка-бугарска граница (23,4 км), се обезбедени 3,7 милиони евра од Европската инвестициска банка за проектна документација и подготовка на тендер. Оваа делница ќе има 22 тунели, меѓу кои и меѓуграничен, и 52 моста.
Бугарската Национална компанија за железничка инфраструктура објави тендер за изградба на последната 2,4-километарска делница Ѓуешево-граница и за модернизација на 17-километарската делница Перник-Радомир, дел од железничкиот Коридор 8.


