ПРИЗНАНИЕ И КАЕЊЕ ОД ОБВИНЕТИОТ ВАСИЛ ЈОВАНОВ Пресудата на 13 мај

Неговиот адвокат кажа дека клиентот не е наркоман како што неправедно бил опишуван во јавноста, туку спортист со освоени медали и признанија во боксот.

ПРИЗНАНИЕ И КАЕЊЕ ОД ОБВИНЕТИОТ ВАСИЛ ЈОВАНОВ Пресудата на 13 мај

Васил Јованов (20), обвинет за сообраќајната несреќа во која трагично го загуби животот младата Фросина Кулакова, денеска во судница ја призна вината, изјавувајќи дека чувствува длабока грижа на совест и дека тоа што го сторил ќе го прогонува до крајот на животот.

„Нема ден да не се помолам за душата на Фросина и за здравјето на нејзиното семејство. Сакам повторно да изразам најдлабоко сочувство и искрено извинување,“ изјави Јованов во судот.

Со солзи во очите, Камелија Кулакова, мајката на Фросина, јавно побара правда за својата ќерка, нарекувајќи го случајот „грабеж на живот, а не сообраќајка“. Таа посочи дека обвинетиот возел пијан, без возачка дозвола и ја прегазил Фросина на пешачки премин, поминувајќи на црвено светло и заобиколувајќи запрени возила.

„Ја удрил мојата Фросинче со толкава сила што ја исфрлил 15 метри,“ рече мајката со потресен глас. „Ова не е сообраќајна несреќа – ова е убиство.“

Семејството Кулакови побара изрекување на највисоката казна предвидена со закон, укажувајќи на отежителните околности: Јованов имал претходна правосилна пресуда за поседување наркотични средства, возел без положен испит и имал бројни сообраќајни прекршоци.

Адвокатот на семејството, Дарко Ал Блана, нагласи дека максималната казна би била единствена задоволителна правда за згаснатиот млад живот и предупредување за идни слични случаи.

Одбраната, предводена од адвокатот Сашко Дуковски, побара судот да ги земе предвид олеснителните околности – признанието на вина, каењето и младоста на обвинетиот. Неговиот адвокат кажа дека клиентот не е наркоман како што неправедно бил опишуван во јавноста, туку спортист со освоени медали и признанија во боксот.

„Ова не е ни првата ни последна сообраќајка во Македонија,“ изјави Дуковски, повикувајќи судот на индивидуализиран пристап во изрекувањето на казната.

Обвинителот Александар Марковски изјави дека ќе докаже оти Јованов постапил со умисла, истакнувајќи дека оваа трагедија е резултат на свесно прекршување на повеќе сообраќајни правила, што не може да се смета за обична несреќа.

Таткото на Фросина, Тодор Кулаков, кој ја напушти судницата за време на завршните зборови на одбраната, остро ја критикуваше институционалната незаинтересираност и законската рамка која, како што рече, ги исклучува жртвите и нивните семејства од правниот процес.

Пресудата за Васил Јованов ќе биде објавена на 13 мај.

CATEGORIES
Share This