ПРИТИСОЦИ ОД БУГАРИЈА Вајц го повлече гласањето за извештајот за Македонија
На почетокот од расправата во Комитетот за надворешни работи на ЕП, Вајц истакна дека постои интензивна дебата околу извештајот, дека тој целосно стои зад неговата содржина и дека неговата задача е да ги опфати состојбите во Македонија, а не да решава билатерални спорови, иако призна дека прашањата за билатералните односи и третманот на малцинствата се дел од европските теми.

Евроизвестувачот за Македонија, Томас Вајц, го повлече гласањето за нацрт-извештајот за нашата земја, предизвикувајќи силни реакции во Македонија и во Бугарија.
Иако останува цврсто зад содржината на извештајот, Вајц побара да се одложи гласањето за да им даде можност на европратениците од Бугарија, кои ја критикуваа неговата работа, да ги пријават своите средби во регистарот за лобистички контакти.
Тој посочи дека само еден од нив има пријавено три средби, со што на свој начин возврати на обвинувањата дека имал тајни и заткулисни разговори со македонски претставници кои влијаеле на ставовите во извештајот, особено на амандманите кои бараат признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет.
Оваа одлука доаѓа како одговор на притисоците од бугарските пратеници за одложување на расправата до 24 јуни, нешто што не е првпат да се случи во Европскиот парламент во однос на Македонија, па дури имало и случаи кога извештајот воопшто не бил усвоен.
На почетокот од расправата во Комитетот за надворешни работи на ЕП, Вајц истакна дека постои интензивна дебата околу извештајот, дека тој целосно стои зад неговата содржина и дека неговата задача е да ги опфати состојбите во Македонија, а не да решава билатерални спорови, иако призна дека прашањата за билатералните односи и третманот на малцинствата се дел од европските теми.
Двајца европратеници од други политички групи го поддржаа Вајц и неговата работа. Санчез Амор од групата на социјалдемократите го оцени извештајот како одличен и осуди кампањата полна со обвинувања и инсинуации против Вајц, оценувајќи дека таква атмосфера не е нормална за Европскиот парламент. Тој побара да не се создава преседан што ќе овозможи надворешни фактори, алудирајќи на бугарските претставници, да влијаат на работата на ЕП.
Друг европратеник исто така го осуди притисокот врз Вајц и изјави дека тој не ја заслужува таквата кампања. Меѓутоа, бугарските европратеници го поздравија одложувањето, а Ивајло Валчев од партијата „Има таков народ“ го нарече овој потег „мудра, одговорна и навремена одлука“. Од друга страна, Станислав Стојанов од „Преродба“ повика на истрага во Европскиот парламент за „нерегуларности“ поврзани со процесот на изработка на извештајот.


