ПРИПАДНИЦИТЕ НА ШУМСКАТА ПОЛИЦИЈА ДОБИВААТ БЕНИФИЦИРАН СТАЖ – Право што долги години го бараа
Припадниците на Шумската полиција отсега ќе остваруваат право на бенефициран работен стаж, исто како и нивните колеги од Затворската полиција кои ваква поволност имаат од 2018 година.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, информира дека Правилникот за утврдување на работните места на кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење е веќе објавен во „Службен весник“.
– Со ова, припадниците на шумската полиција добиваат право на бенефициран стаж – право што долги години го бараа, но и покрај бројните ветувања, сè досега остануваше нереализирано. Со оваа одлука се оддава почит и признание за секојдневната работа, пожртвуваноста и ризикот што шумските полицајци го преземаат во заштитата на шумите и природните ресурси на нашата држава – изјави Трипуновски.
Од Независниот синдикат на Шумска полиција и администрација (НСШПА) посочуваат дека институционалната постапка за воведување на бенефицираниот стаж почнала пред две години.
– По 27 години од формирањето, Шумската полиција конечно добива бенефициран стаж – нагласуваат од синдикатот.


