ПРИНЦОТ ЕНДРУ СЕ ПРЕДАВА Јорк останува без војвода
И покрај сето ова, Ендру повторно ги негираше сите обвинувања, но со оваа одлука „трајно се затвора вратата за негово враќање во кралскиот живот

Британскиот принц Ендрју, брат на кралот Чарлс, се откажа од сите свои кралски титули и почести, вклучувајќи ја и титулата војвода од Јорк. Ова решение следува по силниот јавен притисок предизвикан од неговата поврзаност со сексуалниот престапник Џефри Епстајн.
Во соопштение, Ендрју објасни дека одлуката е доброволна и дека продолжува да ги негира обвинувањата против него:
„По разговор со кралот и моето семејство, заклучивме дека континуираните обвинувања против мене го одвлекуваат вниманието од работата на кралското семејство. Ја ставив мојата должност кон семејството и земјата на прво место. Сè уште стојам зад одлуката од пред пет години да се повлечам од јавниот живот.“
Иако ќе остане принц, Ендрју веќе нема да ја носи титулата војвода од Јорк, која му беше доделена од неговата мајка, кралицата Елизабета.
Во последните години, Ендрју се соочи со низа скандали, вклучувајќи судски спор со Вирџинија Гифре – жртва на Епстајн, прашања околу неговите финансии и наводна врска со кинески шпион. Следната недела ќе излезат постхумните мемоари на Гифре, во кои таа тврди дека имала сексуални односи со Ендрју кога имала 17 години. Се очекува книгата да открие нови детали за неговата врска со Епстајн и Гифре.
Откако принцот Ендру се откажа од своите титули, многумина се прашуваат кој ќе ја преземе титулата Војвода од Јорк. Историчарите и новинарите кои ја следат британската кралска фамилија објаснуваат дека титулата нема веднаш да биде доделена на некој друг, бидејќи нејзината иднина зависи од строги правила за наследување.
„Можно е некому во иднина да му бидат доделени сега веќе поранешните титули на Ендру“, вели новинарката Шерон Карпентер за E!News. „Но, според сегашните правила, војводството ја следи машката линија на наследување. Ендру нема син и титулата нема да им биде предадена на неговите ќерки. Веројатно ќе се врати на Круната кога Ендру ќе почине, по што монархот би можел повторно да ја додели титулата на некој друг.“
Иако Ендру повеќе нема да ја користи титулата Војвода од Јорк во официјален капацитет, ова засега е пред сè симболичен потег. За трајно и законски одземање на титулата би бил потребен сложен процес.
„Формалното одземање на војводството би барало закон на Парламентот. За легално одземање пред смртта на Ендру, потребно е Парламентот да донесе соодветен законски акт“, објаснува Карпентер.
Со губењето на титулите, поранешната сопруга на Ендру, Сара Фергусон, исто така ќе ја изгуби титулата Војвотка од Јорк. Сепак, ќерките на двојката, принцезата Беатрис (37) и принцезата Јуџин (35), ќе ги задржат своите титули.
Ендру, како син на покојната кралица Елизабета II, ќе ја задржи титулата принц, но се очекува да се повлече од сите кралски ангажмани.
„Неговиот секојдневен живот ќе изгледа слично како од 2019 година, и многу е сомнително дека ќе го видиме јавно со некои високи членови на кралското семејство во блиска иднина“, додава Карпентер.
И покрај сето ова, Ендру повторно ги негираше сите обвинувања, но со оваа одлука „трајно се затвора вратата за негово враќање во кралскиот живот“.


