ПРЕЗЕНТИРАНИ МАКЕДОНСКИ ЗЕЛЕНИ ИНОВАЦИИ – „Трутово млеко“, филамент од отпадна пластика и тестенини од печурки

Вчера, во организација на здружението АРНО, се одржа настанот „Иновативна зелена економија преку македонски примери“, кој имаше за цел да ги презентира иновативните идеи на македонските организации Ековита, Јавор Зрновци и Ино Тех Клуб. Овие организации, во рамките на грантовата шема на проектот ЕИЦЕЕ (Екосистем за иновации и развој на циркуларна економија во Западен Балкан), имаа можност да создадат прототипи на македонски зелени производи.
Во воведниот дел, Ирина Јаневска од АРНО истакна дека проектот ЕИЦЕЕ претставува стратешка иницијатива за воспоставување на мрежа за циркуларна економија. Покрај подготовката на национални извештаи и научни трудови за јавни политики, клучниот придонес на проектот е создавањето на уникатна регионална инфраструктура. Мрежата вклучува: „I2 Makerspace“ во Подгорица за еко-дизајн и 3R решенија, центар за рециклирање електронски отпад во Пеќ, „Дели центар“ во Ниш за еко-дизајн и производи од глина, како и „Matchmakers Center“ во Сараево за поврзување на зелените производители со индустријата. Во рамки на оваа мрежа, во Скопје е основан Центарот за поправки „Ништо ново“ како регионален хаб за едукација, поправки, пренамени и платформа за поддршка на импакт претпријатија.
Ирина Јаневска истакна: „Проектот е мозаик, секој партнер има своја улога и свој центар. Ако пораснеме во простор и тим, би ги презеле сите добри практики – би донеле и печки за глина, и ЦНЦ машини и други алати. Истовремено сме и благодарни што ‘Ништо ново’ направи бум кај нас и за 11 месеци работа организиравме 45 работилници посетени од 550 лица, а интересот е постојано тродупло поголем од капацитетот. Некогаш не објавуваме јавно работилници за да ги услужиме веќе пријавените. Второ, благодарни сме и што со грантовата шема се поддржаа македонските зелени иновации, бидејќи нашата земја има најмногу добиени грантови во регионот.“
Централно место на настанот зазедоа презентациите на поддржаните организации:
Организацијата Јавор Зрновци го претстави „Трутовото млеко“, иновација која го користи потенцијалот на трутовите кои пчеларите, а и самите пчелни семејства во одреден дел од годината, вообичаено ги отстрануваат. Од нив се добива производ богат со минерали, протеини, витамини, ензими и аминокиселини, многу сличен на матичниот млеч, а неспоредливо поефтин.
„Богатство се трутовите, а ние ги фрламе. За оваа пролет веќе имаме многу пчелари кои го воведуваат овој нов производ, а научната јавност е целосно запознаена. Тука не запираме, веќе развиваме и протеинска лимунада, бидејќи нашата крајна цел е да придонесеме за создавање поздрава нација,“ истакна Благојче Најдовски од Јавор Зрновци.
Ино Тех Клуб споделија дека прототипираа филамент за 3Д принтање од рециклирана отпадна пластика, кој се развиваше во лабораторијата „Ино Фаб Лаб“ при Технолошко-металуршкиот факултет. „Горди сме што го претставуваме првиот функционален рециклиран филамент за 3Д принтање кој не е само прототип, туку доказ дека од отпад може да се создаваат иновативни и конкурентни материјали. Овој плод на тимска научно-истражувачка работа ја става земјава на мапата на земји со реални производи во сегментот на кружна економија“, порача Верица Јорданова од Ино Тех Клуб.
Организацијата Ековита го претстави проектот ИНО Хаб и брендовите „Гаџун“ и „Мушрони“, создадени со вклучување на ранливи групи во село Вешје.
„Преку проектот набавивме соларна сушара и обучивме самохрани родители и млади невработени лица за производство на храна со додадена вредност. Гаџунот е наша иновација, тоа е маџун со габи. Мушрони се тестенини од печурки, со низок гликемиски индекс, погодни и за дијабетичари. Иако веќе имаме заштитени трговски марки и сме присутни на пазарот, потребен ни е подобар пласман за овие здрави производи да стигнат до што поголем број потрошувачи,“ изјави Кристина Тодорова од Ековита.
На настанот присуствуваа медиуми, претставници на здруженија и граѓани заинтересирани за развој на зелени бизниси. Од АРНО велат дека иако проектот завршува, се надеваат на понатамошна поддршка од општините, државните институции и меѓународните донатори. Голем потенцијал гледаат во Законот за социјално претприемништво кој, покрај верификација, треба да донесе и конкретни средства за поддршка на вакви идеи кои прават добро и за животната средина и за самите заедници.
Проектот „EICEE – Екосистем за екоиновации и циркуларна економија во Западен Балкан“ е поддржан од Европската Унија, преку програмата за граѓанско општество и медиуми на Западен Балкан и Турција (ИПА 3). Проектот го спроведува ADP-Zid (Црна Гора) во партнерство со CEDRA Split (Хрватска), Deli (Србија), АРНО (Македонија), Lens (Косово) и Green Building Council (БиХ).

