ПРЕСВРТ ВО КАЗАБЛАНКА – Сенегал го победи Судан со 3:1 и стана првиот четвртфиналист
Главни фаворити за титулата се Сенегал и домаќинот Мароко

Фудбалската репрезентација на Сенегал е првиот тим кој обезбеди место во четвртфиналето на Африканскиот куп на нации во Мароко. Сенегал, заедно со домаќинот Мароко, се главни фаворити за освојување на турнирот. Тимот со пресврт ја победи селекцијата на Судан во Казабланка со 3:1 и во следната рунда ќе се сретне со победникот од дуелот Мали – Тунис, кој ќе се игра вечерва од 20:00 часот.
Судан изненади со раниот гол веќе во четвртата минута, кога Абдала доведе до 0:1. Сенегал веднаш ја презеде иницијативата, а во 29-тата минута следеше израмнување – Садио Мане асистираше, а Папе Геј од средниот ред на Виљареал погоди за 1:1.
Пресвртот се случи во судиското продолжение на првото полувреме, повторно со гол на Папе Геј. Третиот гол за конечни 3:1 беше постигнат во 77-та минута од младиот крилен напаѓач на Пари Сен Жермен, Ибрахим Ембаје, обезбедувајќи победа за Сенегал.


