ПРЕСПА ВО АКЦИЈА Борба против отпадот и загадувањето со нова еко-иницијатива

Во рамки на кампањата, планирано е чистење на осум од над 30 идентификувани диви депонии во Преспа.

ПРЕСПА ВО АКЦИЈА Борба против отпадот и загадувањето со нова еко-иницијатива
Фото: Принтскрин јутуб

Со отстранување на дива депонија во близина на селото Царев Двор, денес и официјално започна кампањата „Преспа, разбуди се за чиста средина“. Иницијативата има за цел подигање на еколошката свест и справување со сериозните еколошки проблеми во регионот на Преспа, како што се неконтролираното фрлање отпад и употребата на пестициди.

Кампањата е иницирана од Институтот за комуникациски студии (ИКС) во партнерство со здружението „Еко герила Преспа“ и Македонското еколошко друштво од Ресен. Финансиската поддршка е обезбедена од Европската унија.

Градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски, изјави дека досега општината се соочувала со недостиг од соодветна опрема, но сега се направени значајни чекори напред.

„Набавивме нови возила за собирање на отпад. Имаме и тројца комунални инспектори, но и покрај изречените казни, отпадот останува проблем. Затоа размислуваме за поставување видео-системи за надзор. Апелирам до граѓаните отпадот да го носат во депонијата, каде што одлагањето е бесплатно“, изјави Тозиевски.

Во рамки на кампањата, планирано е чистење на осум од над 30 идентификувани диви депонии во Преспа. Освен тоа, жителите на Ресен ќе добијат канти за селекција на отпад – една за пластика и хартија, и една за органски отпад од домаќинствата.

Проектот ќе опфати и низа активности за вклучување на заедницата: средби со локалното население, едукативни кампањи во училиштата, како и активна улога на бизнис-секторот во зачувувањето на чистата и здрава животна средина.

CATEGORIES
Share This