ПРЕСЕДАНИТЕ СО МЕЃУНАРОДНОТО ПРАВО СЕ НАПРАВЕНИ – Ја подржуваме акцијата на САД во Венецуела
Мицкоски истакнува дека прекршувањата на меѓународното право врз Македонија не добивале реакции од ЕУ.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Владата на Северна Македонија ги поддржува аргументите и чекорите на САД против претседателот на Венецуела, Николас Мадуро. Тој се спротивстави на ставовите на повеќе европски политичари дека акцијата на САД била спротивна на меѓународното право, истакнувајќи дека во минатото врз Македонија често било прекршувано меѓународното право, но дека од ЕУ немало никакви реакции.
„Ние како Влада апсолутно стоиме до аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер САД“, рече Мицкоски.
На прашањето за тоа дека нема резолуција на Обединетите нации за вакво дејствие, тој одговори:
„Имаше и Хашка пресуда дека не треба да се блокира Македонија, но се блокираше и тогаш имаше громогласна тишина од сите кои денес коментираат.“
Одговарајќи на прашања на отворањето на новата детска градинка во Сопиште, Мицкоски нагласи дека најмногу го загрижува „громогласната тишина“ на европските и светските земји кога во минатото меѓународното право се кршело на грбот на Македонија и македонскиот народ.
„Како тогаш никој не коментираше, а сега сите одеднаш анализираат дали тоа е меѓународно право или не. Јас би го оставил тој коментар на експертите по меѓународно право. Но, во животот, кога еднаш ќе се направи исклучок, тоа станува пракса и тоа е прашање на време, не дали, туку кога ќе се удри од вашиот грб“, рече тој.
На прашањето дали поддршката на САД значи одобрување на ваков чин да се влезе во друга држава и да се однесе нејзиниот претседател за да му се суди – Мицкоски рече дека вистински преседани веќе се направени во минатото, како промена на знамето, Уставот и уставното име на Македонија, со ветувања дека ќе станеме членка на ЕУ и НАТО во рок од неколку години.
„Дали ова што го споменувате е преседан или не е, ние како Влада апсолутно стоиме до аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер САД“, заклучи Мицкоски.


