ПРЕМИНОТ РЕСТЕЛИЦА – СТРЕЗИМИР – Повторно во фокусот на јавноста“
Истакнати институционални иницијативи за зајакнување на пограничната соработка

Отворањето на граничниот премин Рестелица-Стрезимир повторно е во фокусот на јавноста како прашање од заеднички интерес за граѓаните и институциите од Косово и Македонија. Во емисијата „Фокус“ на Радио Гора се дискутираше за тековните напори и иницијативи за официјализирање на преминот, како и за неговото значење за секојдневниот живот, регионалниот развој и меѓусоседската соработка.
Цивилниот активист Аднан Мутас истакна дека граѓаните со години бараат трајно решение и нагласи дека е неопходно преминот да биде отворен континуирано од мај до октомври или ноември, без привремени и ограничени модели. Тој додаде дека ваквото решение ќе овозможи полесно движење на жителите, подобра економска поврзаност и поинтензивна комуникација меѓу заедниците од двете страни на границата.
Учесниците во емисијата се согласија дека преминот Рестелица-Стрезимир има особено значење за општините Драгаш и Маврово и Ростуше, кои се побратимени. Неговото отворање би придонело за развој на туризмот, зајакнување на локалната економија и унапредување на добрососедските односи.
Онер Јакупоски, новоизбраниот градоначалник на општина Маврово и Ростуше, најави дека ќе се залага преминот да добие официјален статус и да биде отворен најмалку шест месеци во годината, во периодот кога временските услови тоа го дозволуваат. Тој додаде дека ќе го искористи својот политички ангажман и ќе лобира пред Владата на Северна Македонија за реализација на иницијативата, нагласувајќи дека веќе се работи на проект за асфалтирање и санација на патот до граничниот премин.
Поранешниот директор на општина Драгаш, Нухија Таировци, потсети дека иницијативата за отворање на преминот во изминатите години добила сериозен институционален карактер и биле преземени конкретни чекори за нејзино унапредување. Според него, отворањето на Рестелица-Стрезимир е од особено значење за развојот на туризмот и за јакнење на соработката меѓу пограничните општини и двете држави.


