ПРЕМИЕРОТ СО ЦВРСТ СТАВ Нема да мрднем ни милиметар без признавање на македонското малцинство во Бугарија

Премиерот ги обвини претходните влади дека го прифатиле Францускиот предлог, со што се обврзале на уставни измени, додавајќи дека новата влада мора да најде стратегија како да се движи напред без дополнителни отстапки.

ПРЕМИЕРОТ СО ЦВРСТ СТАВ Нема да мрднем ни милиметар без признавање на македонското малцинство во Бугарија
Фото: Национал

На денешната собраниска седница за пратенички прашања, премиерот Христијан Мицкоски ја повика опозицијата да се приклучи во заедничко лобирање пред европратениците за поддршка на извештајот за Македонија. Извештајот, според премиерот, првпат го вклучува „засебниот, многувековен македонски идентитет“ поврзан со македонскиот јазик и нација, а не само со територијата.

Во контекст на уставните измени и вклучувањето на Бугарите во Преамбулата на Уставот, Мицкоски порача дека додека не се обезбеди присуство на Македонци во бугарскиот Комитет за малцинства, нема да има никакво поместување од позициите на владата.

„Додека не видам таму Македонец кој е дел од тој комитет, а за тоа треба сите да работиме, нема ни милиметар да мрднам додека сум премиер на оваа влада“, изјави Мицкоски, посочувајќи дека Бугарија веќе има претставници на Ромите, Турците и Ерменците во својот комитет.

Премиерот ги обвини претходните влади дека го прифатиле Францускиот предлог, со што се обврзале на уставни измени, додавајќи дека новата влада мора да најде стратегија како да се движи напред без дополнителни отстапки.

Тој го нагласи и значењето на претстојното гласање во Европскиот парламент за извештајот подготвен од известувачот за Северна Македонија. Според него, документот е клучен бидејќи јасно говори за македонскиот идентитет и јазик кои, како што вели, „постоеле со векови, не од 1945 година па наваму“.

„Ќе видиме како ќе се однесуваат бугарските европратеници. Од тоа што го имаме како информација и поднесените амандмани, не сум оптимист дека нивното однесување ќе биде проевропско – повеќе прилега на однесување од Средниот век“, изјави Мицкоски.

Тој посочи дека сега следи првиот тест – како ќе реагира Бугарија на документот за малцинските права подготвен од Министерството за надворешни работи, кој треба да биде усвоен од земјите членки на ЕУ. Воедно, премиерот апелираше до опозициските партии, особено оние кои се дел од европски политички семејства, да лобираат кај европратениците во насока на усвојување на извештајот.

Гласањето за документот во Европскиот парламент се очекува да се одржи во јули.

CATEGORIES
TAGS
Share This