ПРЕМИЕРОТ СО ЈАСНА ПОРАКА Членство во ЕУ -да, но не по секоја цена
На крај, додаде дека неговата политика моментално ужива поддршка од над половина милион граѓани - трипати повеќе од опозициската.

Премиерот Христијан Мицкоски во телевизиско гостување изјави дека интеграцијата во Европската унија е општонародна цел, но не смее да се реализира по секоја цена – особено не по цена на националниот идентитет.
„Сите сакаме да бидеме дел од Европската унија, но не по цена на асимилација. Благодарам, но не прифаќам. Не сакам да бидам политички аналфабет и да прифатам нешто без да знам каков ќе биде исходот“, истакна премиерот.
Тој посочи дека лично не прифаќа компромис без реална испорака и од македонска и од бугарска страна.
„Имам легитимитет од народот. Македонија и нејзините граѓани досега дале премногу, повеќе од кој било друг“, нагласи Мицкоски.
Според него, граѓаните се изморени од ултимативната политика „сега или никогаш“. Потсети дека досега се менувале суштински елементи од националниот идентитет – од знамето, преку името, до културните симболи.
Во однос на изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дека единствениот услов за Македонија е промена на Уставот, Мицкоски нагласи дека тоа не е вистина. Според него, во Договорот за добрососедство нема таков услов, а Бугарија наместо да помогне во пристапниот процес, ја блокирала Македонија обвинувајќи ја дека не го спроведува договорот и дека не обезбедила права за бугарското малцинство.
„Суштината не е само внесување на неколку стотици граѓани во Уставот. Во Брисел постојано укажувам дека проблемот е подлабок и трае со децении. Предлагав да се донесе резолуција во Европарламентот со која ќе се признае македонскиот јазик и идентитет како посебни. Тоа би била вистинска поддршка“, рече тој.
На ставот на опозицијата дека внесувањето на Бугарите во Уставот ќе го зацврсти македонскиот идентитет, Мицкоски одговори дека тоа е „глупава теорија“. Оцени дека претходната влада направила избрзани и несоодветни чекори, водејќи политика без национална визија и со површен пристап.
„Изјавите на Венко Филипче денес и постапките на Зоран Заев од тој период се дел од една иста матрица. Тоа е политика без стратегија, без длабочина, со виткана кичма и со игнорирање на суштинските прашања како што се идентитетот и мајчиниот јазик“, изјави Мицкоски.
На крај, додаде дека неговата политика моментално ужива поддршка од над половина милион граѓани – трипати повеќе од опозициската.
„Сè додека граѓаните ја поддржуваат оваа политика, тоа е патот. Кога ќе изгубам на избори, тогаш ќе дојде време за другата политика – онаа со свиткана кичма и национална исплакнатост“, заклучи премиерот.


