ПРЕМИЕРОТ ПОРАЧУВА – Јавноста ќе го држи за збор Филипче за обвинувањата за Груби

Ставот на Владата кон судството и обвинителството останува непроменет.

ПРЕМИЕРОТ ПОРАЧУВА – Јавноста ќе го држи за збор Филипче за обвинувањата за Груби
Фото: Принтскрин

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски го коментираше случајот со Артан Груби и обвинувањата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, за наводен политички договор со ДУИ.

Мицкоски истакна дека ја следи дебатата и го разбира револтот на граѓаните:

„Имаме со право револтирани граѓани кои се сеќаваат на минатото, кога се нарачуваа судски процеси, луѓе се ставаа во притвор па се ослободуваа по потреба. Ги разбирам граѓаните и ги поддржувам.“

Тој нагласи дека втората група во јавната дебата се „прокси ботови“ на опозицијата кои го користат оправданиот револт на граѓаните за политички цели.

„Тука најчесто обвинуваат дека постои договор меѓу Владата и Груби. Но, ако се анализира реалноста: прво водеа кампања дека Владата го пуштила Груби да избега, потоа кога тој се појави на Блаце, тврдевa дека Владата ја спасува ДУИ, а на крај, кога судот одреди куќен притвор, велат дека тоа е по налог на владиниот пакт со Груби.“

Мицкоски потенцира дека тој лично бил напаѓан од Груби и високи функционери на ДУИ во минатото, и прашува логично:

„Која е логиката јас да склучувам пактови со лица како Артан Груби за тие да добијат помали мерки?“

Премиерот додаде дека можеби дел од овие обвинувања произлегуваат од потсвесните очекувања на опозицијата, која го проектира своето минато на сегашната Влада.

Во однос на одлуките на обвинителството и судството, Мицкоски потсети дека досега многу пати ги коментирал и дека неговиот став е непроменет. Тој, сепак, истакна дека ќе ги прифати и одлуките на Уставниот суд, без оглед дали се согласува со нив.

На крајот, премиерот јасно порача:

„Јас и македонската јавност ќе го држиме за збор Венко Филипче за тоа што вчера го кажа во вашата емисија. Кога ќе дојде до тој момент, имам такво чувство дека ќе дојде, да не биде потоа политички реваншизам или нешто друго. Да не биде после тоа како за модуларната „јас не сум виновен“, како од едно во друго министерство се движи тој проект, па како се случува и слично. Да не биде дека еве некој политички некој му се реваншира. Тоа е суштината кај СДСМ и нивните прокси ботови, исплашени се од тоа што ќе следи“, дециден е Мицкоски. 

CATEGORIES
Share This