ПРЕМИЕРОТ НАЈМАЛКУ ГО КОРИСТЕЛ ВЛАДИНИИОТ АВИОН – Од јуни 2024 до декември 2025, 40 летови
Патувањата вклучувале Унгарија, Италија, Данска, Турција и соседните држави

Документи од Службата за општи и заеднички работи при Владата покажуваат дека од јуни 2024 до декември 2025 владиниот авион бил користен за бројни летови, како домашни, така и меѓународни. Најчесто извршуваната релација била Скопје-Будимпешта, со седум реализирани патувања.
Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, најчесто го користел авионот, вкупно 11 пати, главно за патувања кон Унгарија, но и за Лондон, Прага, Виена, како и Скопје-Истанбул со слетување во Охрид пред враќањето. Еден лет кон Будимпешта вклучувал и сервисирање во Нирнберг, што отвора прашања за рационалноста на маршрутите, особено кога трошоците се на товар на јавните средства.
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова го користела авионот 13 пати, патувајќи кон соседните држави Тиват, Подгорица и Тирана како и кон Рим, Истанбул и Копенхаген. Претседателот на Собранието, Африм Гаши, бил регистриран како корисник седум пати, при што три летови бил придружуван од сопругата. Неколку летови, вклучувајќи ја релацијата Скопје-Џеда, немаат податоци за патниците, што остава празнини во евиденцијата.
Премиерот Христијан Мицкоски го употребил авионот три пати, за Будимпешта, Тирана и Сплит а евидентиран е и лет Скопје-Белград без целосни податоци за патниците. Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, користел летови до Ротердам, Белград и Стразбур. Летови имале и министерката за енергетика Сања Божиновска, министерот за локална самоуправа Златко Перински, министерката за образование Весна Јаневска и поранешниот министер за животна средина Изет Меџити.
Во периодот од средината на 2024 до крајот на 2025 авионот бил користен околу 40 пати, без да се вклучат летовите за сервисирање и два посебни летови организирани од МНР – транспорт на повредени од пожарот во Кочани и евакуација на граѓани од Израел. Авионот бил сервисирал девет пати, а во објавата е наведено и планирање на набавка на уште еден ваков авион.
Сето ова ја отвора темата за транспарентност и јавен надзор, особено кога евиденцијата за патниците не е целосна и нема јасно образложување за секој лет. Прашање е дали државата ќе ги зацврсти механизмите за отчетност пред да ја проширува својата авионска флота.


