ПРЕМИЕРОТ НА ГРЕНЛАНД – Не може да се исклучи употреба на војска на Арктикот

Премиерот Јенс-Фредерик Нилсен вели дека сценариото е малку веројатно, но предупредува на безбедносните ризици на Арктикот

ПРЕМИЕРОТ НА ГРЕНЛАНД – Не може да се исклучи употреба на војска на Арктикот
Фото: Принтскрин

Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, денеска изјави дека иако е малку веројатно, не може целосно да се исклучи можноста за употреба на воени сили на арктичката територија.

Тој нагласи дека Гренланд се залага за продлабочување на соработката со Европската Унија, пренесува агенцијата Ројтерс.

Коментирајќи ја фотомонтажата што американскиот претседател Доналд Трамп ја објави на социјалната мрежа Truth Social на која Трамп, заедно со потпретседателот Џ.Д. Венс и државниот секретар Марко Рубио, симболично поставуваат американско знаме на територија на Гренланд, Нилсен оцени дека станува збор за „непочитување“.

Претходно денеска, данската премиерка Мете Фредериксен порача дека Данска не може да преговара за сопствениот суверенитет, идентитет и демократија.

„Ова е прашање на светскиот поредок. Најлошото можеби допрва доаѓа“ –  изјави Фредериксен.

Таа истакна дека Данска ги смета Соединетите Американски Држави за свој најблизок сојузник, нагласувајќи дека Копенхаген никогаш не барал конфликт, туку соработка.

Поради зголемените тензии со Вашингтон околу изјавите на Трамп за можноста САД да ја преземат контролата врз Гренланд, Фредериксен одлучи да не присуствува на Светскиот економски форум во Давос.

CATEGORIES
Share This