ПРЕМИЕРОТ МИЦКОСКИ Ако загуби во Брвеница, Рамадани ќе биде разрешен
Премиерот повика Албанците во Кичево, како и сите жители на градот, да размислат „за човекот што ги уценува нивните внуки и ќерки и дали тој е достоен за позицијата градоначалник“.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека кандидатот за градоначалник на Општина Брвеница, Хаќим Рамадани од Вреди, ќе биде разрешен од сегашната функција ако загуби на изборите. Тој ја даде оваа изјава одговарајќи на новинарско прашање дали ставот на кандидатот ќе влијае врз владината коалиција со Вреди. Рамадани е Директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа.
На дополнително прашање за поддршката на Вреди во вториот круг, лидерот на владејачката партија објасни дека таа коалиција испратила соопштение дека не го поддржува кандидатот на ДУИ во Кичево, Фатмир Дехари.
„Фатмир Лимани не повика да се гласа против кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во Кичево. Вреди испрати соопштение дека не го поддржува Фатмир Дехари како кандидат за градоначалник во Кичево“, рече Мицкоски.
Премиерот повика Албанците во Кичево, како и сите жители на градот, да размислат „за човекот што ги уценува нивните внуки и ќерки и дали тој е достоен за позицијата градоначалник“.
Инаку, кандидатот за градоначалник на Општина Брвеница од редовите на Вреди и неговиот противкандидат од опозициската НАИ, Енвер Пајазити, кој испадна во првиот круг, викендов заедно ја посетуваат дијаспората во Германија, Австрија и Швајцарија со цел Брвеница да ја води Албанец.
Ова се случи откако лидерот на Беса, Билал Касами, повика Вреди да гласа во Кичево за Фатмир Дехари од ДУИ, но потоа се повлече по критиките од премиерот Мицкоски дека секоја акција ќе има реакција.


