ПРЕКЛОПНИ ТЕЛЕФОНИ 2026 – Пазарот влегува во нова фаза
Подобрениот хардвер и поширокиот избор модели ги прават преклопните телефони попопуларни.

Благодарение на подобрените хардверски перформанси и поширокиот избор на модели, преклопните паметни телефони оваа година можат да се најдат кај поголем број корисници од кога било досега. Аналитичарите од истражувачката куќа Counterpoint Research предвидуваат дека пазарот на склопливи телефони во 2026 година може да влезе во нова и поодржлива фаза на раст.
Додека 2025 година многу производители ја користеа за нормализација на залихите и внимателно лансирање на нови модели, оваа година се очекува поагресивен напредок, особено кај „book“ моделите кои се преклопуваат како книга, како што се Samsung Galaxy Z Fold и Google Pixel 10 Pro Fold.
Според податоците на Counterpoint, ваквите уреди минатата година сочинувале 52% од вкупната продажба на склопливи телефони, а се предвидува нивниот удел оваа година да порасне на 65%. Причината е технолошкиот напредок и подобрената изведба, кои ќе привлечат поголем број корисници.
Дополнителен поттик на пазарот може да биде и очекуваното претставување на првиот преклопен iPhone – iPhone Fold, кое според неофицијални информации се очекува оваа есен. Влегувањето на Apple во сегментот на склопливи телефони може дополнително да го забрза растот и да го зголеми интересот кај пошироката база на корисници.
Сепак, и покрај фокусот на „book“ форматот, производителите нема да се откажат од класичните „flip“ модели, кои и понатаму ќе имаат улога како стилски и entry-premium уреди на пазарот.


