ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ НЕМА ДА ИМА – Реконструкцијата на Владата до јуни

Премиерот истакна дека државата е веќе во период близок до редовни избори и дека стабилноста е приоритет.

ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ НЕМА ДА ИМА – Реконструкцијата на Владата до јуни
Фото: Национал

Премиерот Христијан Мицкоски во телевизиско гостување изјави дека нема да има предвремени парламентарни избори сè додека граѓаните не го поддржуваат тоа, нагласувајќи дека приоритет на Владата остануваат државата и интересите на народот.

„На ниту едно мерење граѓаните не даваат предност за предвремени избори. Тоа сум го кажал повеќе пати и ќе го повторам сè додека граѓаните сметаат дека не треба да има предвремени парламентарни избори, нема да има“, изјави Мицкоски.

Тој посочи дека државата веќе влегува во период близок до редовните избори, бидејќи техничката влада, доколку се оди на редовни избори, би се формирала кон крајот на 2027 или почетокот на 2028 година.

„Тоа значи дека сме на помалку од две години од техничка влада и затоа нема логика за предвремени избори“, рече премиерот.

Мицкоски истакна дека и пораките од меѓународната заедница се јасни, стабилна влада и фокус на реформи.

„Ние сме народна партија, од народот потекнуваме и за народот работиме. Работиме секој ден, и за викенди и празници, затоа што државата мора да се движи напред“, нагласи тој.

Во однос на реконструкцијата на Владата, премиерот најави дека процесот би требало да заврши најдоцна до јуни.

„Имам изграден став, но сакам прво да разговарам со коалициските партнери. Очекувам во мај или најдоцна до јуни да се заокружи целиот процес“, додаде Мицкоски.

CATEGORIES
Share This