ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ НА ЕКОНОМИСТ ЗА 2026 – Светот како фудбалска топка оди кон година на хаос и неизвесност

Економист предупредува на замаглената линија меѓу мир и војна во 2026 година

ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ НА ЕКОНОМИСТ ЗА 2026 – Светот како фудбалска топка оди кон година на хаос и неизвесност
Фото: Принтскрин

Британскиот неделник Економист ја објави својата педесетта традиционална „криптична“ насловна страна – „Светот во 2026 година“, повторно исполнета со симболика и слоевити пораки. Овие корици, одамна познати по својата мистична визуелност, функционираат како комбинација од аналитичка прогноза, геополитичка алузија и предупредување за глобалните трендови што допрва доаѓаат.

Овојпат, наместо класични илустрации, централниот симбол е глобус претворен во фудбалска топка што играч ја испраќа во непознат правец – метафора за светот што влегува во година исполнета со непредвидливост. Економист оценува дека политиките на американскиот претседател Доналд Трамп ќе имаат доминантно влијание во 2026 година, кога, според редакцијата, „ќе стане јасно каде оди светот“.

Корицата е поделена со воени и безбедносни мотиви: дронови, перископи, ракети, експлозии и подводни уреди. Пораката е дека дури и со локални примирја, глобалните кризи нема да исчезнат. Се нагласува продолжување на трговските конфликти, прикажано преку напад врз контејнерски брод.

Нови точки на тензии се Арктикот, вселената, морското дно и киберпросторот. Од амбициите за „доминација во вселената“, САД влегуваат во реалност каде оружјето во орбитата веќе не е научна фантастика.

Илустрираните ракети потсетуваат на истекувањето на рокот на договорот New START. Економист предупредува дека без нова рамка за воздржаност, светот може повторно да потоне во трка за нуклеарно вооружување.

На корицата седат Трамп, Путин, Си Џинпинг, Орбан, Моди и Мелони, сместени меѓу вкрстени мечеви, додека чекан удира во гонг – симбол на ера на конфронтација.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски е нацртан на маргините на композицијата, под облак од експлозија – визуелна алузија на неговата се покревлива политичка позиција.

На врвот се наоѓа торта за 250-годишнината од Декларацијата за независноста на САД, година што Трамп ја најави како историска. Над неа сина тупаница врзана со лисици, симбол на задушени револуционерни импулси и длабоката американска поларизација.

Ракетата на Артемис II, планирана за февруари 2026, најавува враќање на човекот на Месечината. Античката трирема е референца на новиот филм на Кристофер Нолан „Одисеја“.
Шприцевите се поврзани со контроверзните „Олимписки игри на стероиди“ во Лас Вегас, натпреварување без допинг-контроли што веќе ги бранува спортските кругови.

Топената коцка мраз на корицата потсетува на драматичното забрзување на затоплувањето на Арктикот. Таблетите ги симболизираат лековите базирани на семаглутид, чиј масовен раст и истекот на патентите во 2026 ќе го преплават пазарот со нови, поевтини алтернативи.

Еден од најсилните симболи е мозок приклучен на гејмпад – прашање за тоа кој ја контролира играта: човекот или технологијата што ја создава? Економист предупредува дека ако го изгубиме „далечинското управување“, ризикуваме да станеме фигури во игра чија логика не ја разбираме.

Додека Европа се движи кон поостра политика кон Русија, весникот прогнозира дека САД под Трамп ќе следат поинаква стратегија не нужно проруска, но значително подалечна од европските глобалистички правци. Оваа нова линија на поделба низ НАТО, ЕУ и трансатлантските односи ќе биде еден од главните фактори во светската политика во 2026 година.

CATEGORIES
TAGS
Share This