ПРЕДЛОГ-ЗАКОН ЗА ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ – Академската заедница со остри критики

Карван-дебати на Министерството ја отворија јавната расправа

ПРЕДЛОГ-ЗАКОН ЗА ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ – Академската заедница со остри критики
Фото: Принтскрин

Додека власта го претставува како чекор напред, Предлог-законот за високо образование отвори сериозна дебата во академската јавност. Министерството за образование деновиве започна „карван“ средби и јавни расправи, но критиките од професори, студенти и организации не стивнуваат. Во фокусот се стравувањата дека новите решенија можат да ја нарушат автономијата на универзитетите и да ја засилат политичката контрола врз нивното функционирање.

Се изразува загриженост по автономијата на универзитетите бидејќи со новите одредби се отворало простор Владата да има влијание врз клучни документи на универзитетите, вклучително и статути и подзаконски акти, како и врз евентуално спојување или раздвојување факултети.

Исто така се смета дека една од најспорните измени е бришењето на експлицитната забрана за избор во наставно-научни звања на лица што се роднини по права линија на ист факултет. Според предложените измени, составот на Универзитетскиот совет би вклучувал четири члена именувани од Владата, еден од Стопанската комора, еден студент и пет од Сенатот и со ваквата структура се смета дека се создава институционален дисбаланс, особено ако се има предвид дека основач на јавните универзитети е Собранието, а не Владата. Дополнително, намалувањето на студентското учество претставува чекор назад во демократското управување со високообразовните институции. Како особено проблематична се истакнува и можноста Советот да ја попречува или стопира одлуката на ректорот или на Сенатот, паралелно со продолжување на мандатот на ректорот, што може да доведе до концентрација на управувачка моќ.

Негодувања предизвика и новината според која професор може да премине од една јавна установа во друга со спогодба меѓу установите, без јавен конкурс и без редовна изборна постапка и ваквата практика претставува сериозен удар врз транспарентноста и академската конкуренција.

И покрај критиките, министерката Јаневска останува децидна дека законот нема да биде повлечен. Документот е поставен на ЕНЕР, каде што заинтересираните можат да достават коментари и предлози.

„Добро е што има жива дискусија во општеството. Целта е да добиеме квалитетно законско решение со интегрирани конструктивни забелешки“ –  изјави Јаневска.

Дебатата продолжува, а исходот од јавната расправа ќе покаже дали предлог-решенијата ќе претрпат измени или ќе останат во предложената форма, со сите дилеми што ги отворија во академската заедница.

CATEGORIES
TAGS
Share This